Јанева планирала затворање на „Империја“ и „Поштенска Банка“, Стефанова и Рустеми не се согласиле?

Дали специјалната обвинителка Катица Јанева планирала во мај да ги затвори предметите „Империја“ и “Поштенска банка” а осомничените меѓу кои бизнисмените Камчев и Главчев да не одат во затвор. Ова прашањего наметнува изјавата на обвинителката Лиле Стефанова која ги отвори картите и откри дел од информациите што ги чуваше за да и ги соопшти на поранешната колешка од организиран криминал Вилма Русковска, која ја води истрагата за „Рекет“. Во писмена изјава Стефанова раскажува детали за овие два предмета што Јанева им ги соопштила на состанок на 16 април годинава:

„Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмет кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „ да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и  можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период“, вели Стефанова.

Што се случило со овие предмети останува истрагата да утврди, но според јавно објавените податоци Камчев до крајот на април тропнал на вратата на Заев кој го пренасочил да пријави кај Русковска. Четири дена пред датумот што Јанева и го дала на Стефанова, на 2 мај, обвинителството за организиран криминал ја отворило истрагата за „Рекет“.

Стефанова по вчершаните снимки беше вознемирена и згорзена,  но по денешните му врати на Камчев  кој ја споменува и неа во новото аудио, а се обидува да извлече одговор од Јовановски за неа, но тој не му потврдува.

Орце Камчев: Не знам, женава влезена ли е во играта со нас, оваа Лиле? Влезена ли е? Таа си брка си тера цела процедура. Башка мене еднаш Чифлиганец ми бараше дуќан за нејзе за стоматолошки ординации. Јас … све тоа. Бидејки не ме интересираше.

Боки 13: Кога било тоа.

Орце Камчев: Пред да влезам.

Боки 13: Не знам за претходно.

Орце Камчев: Значи, јас и ти си разговараме, во целата прикаска мора и таа да знае некои работи да биде мотивирана, иначе што правиме.

Боки 13: Тоа ние не треба да дискутираме, тоа се и дел на шефицата нејзина.

Орце Камчев: Шефицата нека си ја заврши работата. Јас не навлагам во прикаската, ниту ме интересира, само сакам сите да бидат среќни и задоволни да нема.

Боки 13: Да нема последици.

Стефанова смета дека Камчев кој знаел дека се снима намерно ја спомнал за да ја дискредитира. Камчев и Панделевски во август минатата година се обиделе да влијаат „Империја“ преку нејзиниот познаник Чифлиганец но таа го одбила, а за случката ги  извеситла Јанева и колегита, одговара Стефанова. 

„На господинот Чифлиганец  јасно му ставив до знаење дека не доаѓа во предвид да разговараме било што во врска со предметот.  Целосно е невистинито искажувањето на  осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име“, вели Стефанова. 

И бизнисменот Ванчо Чифлиганец демнатираше дека не му се јавил на Камчев за да бара дуќан за обвинителката Лиле Стефанова. Вели дека таков разговор  не се случил.

Обвинителката од СЈО што ја води „Империја“ контра шефицата. Вели била против да СЈО даде позитивно мислење за Камчев и останатите да излезат од Шутка во домашен притвор. Сметала дека од дома осомничените ќе можат да влијаат на истрагата што се потврдило со сега објавените снимки.

Повторува и дека не се согласила да му се врати пасошот на осомничениот, но сепак му бил вратен додека била на одмор и без да биде известена. 

Враќањето на пасошот се слуша и во денешните снимки во делот каде Јовановски му презентира сценарија на Камчев за опциите ако „Имерија“ заврши во редовното или во специјалното обвинителство и при тоа користи шифри споменувајки метафорично цигари.

Боки 13: Доколку продолжи СЈО да го работи предметот прва стапка ќе биде укинување на мерката куќен притвор, по основи кои ќе ви ги кажам и на датум што ќе ви го кажам. Дали во истиот моментум или недела дена, 10 дена подоцна, со некакви договори со странски компании што он ги има, ќе ви биде вратен пасошот. Следниот чекор е, повторно велам или истиот момент, што не верувам лично ќе биде вратен пасошот. За сето ова треба да се има некаква гаранција.

Пасошот на Камчев му беше вратен во мај заради неодоложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација.

Уште една необична случка се врзува за „Империја“. Во март годинава пукнала цевка од парно греење во подрумските простории во СЈО но од таму смируваа дека сите докази се скенираат.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ