Јанева ја потврди поканата за распит, обвинителот од СЈО Рустеми даде исказ во истрагата за рекетот

Покана со името на Катица Јанева да се јави во обвинителството за организиран криминал и корупција стигнала во рацете на специјалната обвинителка во оставка, потврдија од прес службата на СЈО.

Оттаму тврдат дека поканата е за сведок, а не за осомничен во постапка или во некое друго својство во истрагата. Распитот е закажан за во вторник наутро во 10 часот. Јанева досега немаше определена улога во истрагата за рекетот.

Ќе биде 5-то лице, односно четврт обвинител на СЈО кој накратко ќе ги смени адресите на обвинителствата и наместо да испрашува, ќе одговора на прашањата.

Денеска улога на сведок имаше обвинителот Бурим Рустеми кој како надлежен за случајот Поштенска банка два сата се задржа кај своите колеги. Не откри детали за распитот во интерес на истрагата.

Рустеми тврди дека никој не му вршел притисок каков исказ да даде инаку би пријавил веднаш. Како што откри обвинителката Стефанова во своето соопштение во петокот, таа и Рустеми на 16-ти април оваа година не прифатиле спогодба во случаите Империја и Поштенска банка со која осомничените би платиле парични казни, а за возврат СЈО нема да бари затворски казни.

Денеска Рустеми тврди се е одговорено кај обвинителот што го истражува рекетот. За својата истрага за Поштенска банка не прецизира дали ќе има обвинение поради истечениот рок од законот за СЈО.

Во случајот Поштенска банка чија истрага е отворена лани во октомври, осомничени се Томе Главчев и Ратко Димитровски сопственици на компаниите Ноел и Европа 92.

Се товарат дека преку трансакции со кредити испрале над 81 милион денари односно речиси милион и двесте илјади евра. Инаку пред да биде замрзнат имотот на Главчев, стан по поефтина цена купил поранешниот директор на МЕПСО Сашо Василевски.

Обвинителот Рустеми вели дека и таа состојба е договорена пред обвинителот кој го истражува рекетот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ