
Јанева го напаѓа судот за охрабрување на заканите кон специјалните обвинители на Титаник 3
Специјалната обвинителка Катица Јанева смета дека за заканите кон обвинители на СЈО во случајот Титаник 3- одговорност лежи во судот.
Обвинителката во СЈО Фатиме Фетаи во четвртокот тврдеше во судница дека за неа и за обвинителот Гаврил Бубевски имало сериозни закани од адвокатот на обвинетиот пратеник на ДУИ Ејуп Алими.
Јанева во интервју за Код на Телма вели дека знаела за тоа, а смета дека заканите дошле затоа што судот не преземал доволно мерки кон потезите кои ги влечеле обвинетите за изборни нерегуларности.
-Ние не сме задоволни од текот и редот кој се воспоставува во судница во тој предмет. Цело време имаше сигнали од обвинителите до мене дека не е во ред со воспоставување на редот во судницата од страна на судијата., изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.
Прашање: Сепак заканите се посериозно нешто од редот?
Јанева: Па, да охрабрување добива сигурно од судот за да може да се одважи некој адвокат така да нападне обвинител надвор од судница.
-Сепак. Има некои моменти кои судот не ги контролира. Остро го осудуваме и судот што не ги прифатил тие закани и презел соодветни мерки, рече Јанева.
Судијката во случајот Титаник 3, Оља Ристова, за Телма ги негира и тврди дека станува збор за неточни наводи на СЈО што може да се провери од снимките кои се прават за секое рочиште.
-Секогаш има ред во судница, а доколку имало проблеми досега не е пријавено иако судењето почна во април. Обвинители на СЈО пред околу два месеци кога земаа записник посочија дека имале дијалог со адвокатот надвор од судница, но не пријавија закани. Во четвртокот судењето заврши, јас разговарав со претставник на ОБСЕ кој го набљудува процесот, а обвинителите и адвокатите се подготвуваа да заминат и разговараа. За она што се случи во четвртокот има снимка од рочиштето. Заканите кои се случиле пред два месеци беа спомнати потоа во новинарски текстови, ни изјави телефонски судијката во процесот Оља Ристова.
И посочениот адвокат Мефаиљ Арслани (бранител на Ејуп Аљими) демантираше, за Фетаи рече дека лаже, тврдеше дека не се сретнал со неа и дека ниту тој ниту неговиот клиент му се заканувале на Бубевски. За ова доби тужба за клевета од Фетаи, и кривична пријава од Бубевски. Во истрага ќе се открие се, вели Јанева.
-Ќе си кажеме и ние се во обвинителството, и обвинителите кои биле инволвирани во ова и други лица, кои ги имаме како сведоци, дали навистина тоа се случило или не, изјави специјалната обвинителка Јанева.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими е обвинет во Титаник 3 за изборни нерегуларности. Следното рочиште е кон крајот на февруари.
Изјавата на Јанева е дел од интервјуто кое е дел од емисијата КОД што ќе се емитува во недела (27.01.2019) во 19:15 часот.
Миомир Серафиновиќ