
Јанакиески е дома, за утрешното рочиште полицијата и судот да не го бараат во Шутка
На листата обвинети во случајот Титаник се Никола Груевски, Јанкуловска, Протуѓер, пратеникот Илија Димовски. СЈО ги обвинува дека злоупотребиле сомнителни пари како партиски донации за избори, а било уплаќани и преку банка со уплатници на име на луѓе кои не донирале. Рочиштето е закажано за утре и е прво за СЈО по судските ферии и среде големиот скандал со рекетот.
Но обвинет е и Миле Јанакиески кој доколку полицијата повторно погреши и отиде да го зема од Шутка од каде е пуштен во домашен притвор во петокот, може да предизвика ново одложување на предметот.
Јанакиески во петокот доби ублажена мерка, наместо притвор во Шутка сега е во домашен притвор.
Последниот пат кога беше однесен во затворот во Шутка, и судот и полицијата погрешија и го бараа дома, па поради неинформираноста на полицајците и на надлежниот судија, беше одложено рочиштето за насилството во општина Центар. Полицајците на први јули го барале Јанакиески дома, а тој беше во хашкото одделение во Шутка. Поради отсуството рочиштето беше одложено. Сега околностите се спротивни, но утре ќе се се знае дали судот и полицијата повтроно ќе погрешат.
Миомир Серафиновиќ