Јанакиески дал изјава за „Крвавиот четврток“ – Груевски тврди телохранителот не уништил државен телефон

Јанакиески на крвавиот четврток контактирал со обвинети пратеници поради што е повикан во обвинителството за организиран криминал и корупција. Поранешниот министер за транспорт денеска ја ја дал својата изјава, потврдија за Телма, извори од истрагата.

Со вешташењето во истрагата е утврдено дека обвинети пратеници дента и вечерта на 27-ми април имале и телефонска и СМС комуникација со Миле Јанакиески, а денеска бил распрашуван за содржината и значењето на таа комуникација. Главно не се сеќавал на пораките бидејќи таа комуникицаји се одвивала пред речиси една година.

Од друга страна поранешниот премиер Груевски денеска тврди дека не е точно дека неговиот телохранител во СОЗР вратил оштетен и скршен телефон по враќањето од Виена. Телефонскиот број е наведен и во обвинението, како прв повик до Александар Василевски – Нинџа по што според актот почнало сценариото за упадот во Собранието.

Во обезбедувањето на Груевски е братот на обвинетиот Василевски, а според информации од обвинителството телефонот со кој е упатен повикот од Австрија бил речиси уништен и било невозможно да се вештачи. Груевски вели дека по објавената информација се распарашал кај членот на своето обезбедување и одбил објаснување дека тие земале само картички за мобилен, а не апарат.

-Не знаев, но деновиве се распрашав за лицето кое е прозвано за таква работа и ми беше одговрено дека воопшто телефонски апарат не бил земан со нив и не било пракса да се зема телефонски апарат туку било пракса да земе само картичка која што ќе се стави во некој од приватните телефонски апарати на обезбедувањето кое ме придружувало мене. Имено тоа се правила од причина што моето обезбедување имало лимит на телефонските сметки до 3.000 денари. Имајќи предвид дека кога се разговара во странство цените се повисоки тие практикувале при патувања да земат картичка од СОЗР и кога се во странство да ја употребуваат затоа што многу често имаат потреба да разговараат со локалното обезбедување или со протоколот. Па така, ако не зел телефонски апарат не можел ниту да го скрши, рече Никола Груевски.

Груевски ја спореди приказната за скршениот телефон со старите удбашки приказни и дека со неа треба да се придонесе некој, во случајот братот на обвинетиот Александар Василевски -Нинџа кој е и негов телохранител неоправдано да биде одбележан како виновен.

Телефонскиот број од обвинението многу бргу по крвавиот четврток е исклучен и веќе не се користи. Вештачењето на телефонот било тешко бидејќи задолжениот апарат бил речиси уништен. Досега ниту Груевски, ниту членовите на обезбедувањето кои биле во Австрија не се повикани да дадат изјави.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ