
Ја нема Јанева, а обвинителство засега не ја бара
Се преслушуваат разговори, се прегледуваат снимки, а обвинителите денеска почнуваат со прелистување на купиштата документи и докази одземени од домовите, автомобилите, и канцалариите на осомничените за рекет Боки 13 и Зоки Кичеец, кои требаат да откријат дали и други лица го делеле кривичното дело рекет со двјацата осомничени.
Додека доказите не исфрлат на површина други имиња нема да има приведувања, потврдуваат од обвинителството, без конкретни информации во кој правец води истрагата за специјалната обвинителка Катица Јанева. Дали ѕвонела и кому Јанева во ноќтта на претресите од полицијата ќе покажат вештачењата на нејзиниот мобилен телефон, информираат оттаму. Обвинителството го одзеде, а сега е во раце на техничарите.
Втор ден специјалната обвинителка во оставка не се соочила со колегите, а и денеска не се појавила на работа. Во правната служба таа нема доставено барање за боледување или одмор. Нејзините колеги тврдат дека се подготвени да соработуваат со организиран криминал иако до сега не било побарано ништо од нив.
Обвинителите кои ја водат истрагата ги отфрлија кажувањата дека полицијата по неа тргнала со налог за претерес и приведување, а таа се спасила со два телефонски повици на странски дипломат и домашни политичари. Не заѕвонил телефонот на Зоран Заев, еден од потписниците во Пржино, Јанева да стане специјална обвинителка, тврди самиот, но затоа ново светло врз истрагата фрла неговата изјава дека до него стасале поплаки од бизнисмени дека се рекетирани.
Градежникот Азманов се огради дека му платил пари на Боки 13, но тврдеше дека не е изрекетиран. Од списокот бизнисмени можни жртви на Боки 13, сите се дел од истраги и предмети на СЈО, а најзвучен случај кој одекна во јавноста е „Империја“’ на осомничените Сашо Мијалков, Орце Камчев, Цветан Панделевски, Ненад Јосифовиќ и десетмина други.
Засега едно е сигурно дека случајот рекет го покрена еден скопски бизнсимен кој покрај кривичната пријава депонирал и аудио и видео докази како на ректарите им дава 1,5 милиони евра. Неофицијално на видеото кое е во раце на обвинителите се бројат, пакуваат и примопредаваат банкнотите. Осомничените продавале влијание на жртвите со гаранција дека ќе им ги олеснат крвичните дела во СЈО. Можеле или не можеле да посредуваат во СЈО и дали имале соучесник останува прашање на кое обвинителстовто за организиран криминал вети одговор, но откака ќе заврши истрагата.
Павле Беловски