Извршниот комитет не поддржа одложување на Конгресот

Никој од можните кандидати за претседател на ВМРО ДПМНЕ не соопштува дали поднел кандидатура. Молчат и во Центарот за комуникации. Велат дека иако рокот за поднесување пријави заврши во 15 часот, Правната комисија треба да провери дали кандидатурата е уредна, дали ги содржи потребните 30 делегатски потписи и дали можеби некој делегат го дал својот потпис за двајца, што не е дозволено.

Ако официјално не се знае кој поднел, барем се знае кој не поднел кандидатура. Шефот на пратеничката група, Илија Димовски, уште пред седницата на Извршниот комитет рече дека нема да се пријави.

Не се кандидира ниту Филип Петровски. Иако водеше внатрепартиска кампања, сега потенцира дека нема да учествува на наместен конгрес, ниту како кандидат за претседател ниту како делегат.

На синоќешната седница, само Димовски и Милошоски гласале за одлагање на Конгресот. 13-мина ја отфрлиле Иницијативата поднесена од 50-тина истакнати членови, додека тројца биле воздржани. Не присуствувале Никола Попоски и Никола Тодоров, кои се повлекоа од Извршниот комитет, а математиката покажува дека присуствувале само 18 од вкупно 32 члена. Седницата поминала во тензична атмосфера и траела до 3 часот изутринава. Димовски и Милошоски веројатно нема да присуствуваат на вечерашниот Централен комитет, пред кој воопшто нема да биде предложена нивната Иницијатива. Мнозинството смета дека нема големи пропусти во организирањето на вонредниот Конгрес во Валандово и дека не се вршат никакви притисоци или фаворизирање на Христијан Мицковски, наспроти барањето кредибилен избор на нов претседател.

 

Вонредниот конгрес ќе се одржи во петок и сабота во Валандово. Освен, ако две третини од Централниот комитет не одлучи поинаку.

 

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ