
Извршителите за 10 месеци наплатиле 90 милиони евра
Извршителите за 10 месеци од годинава наплатиле речиси 90 милиони евра, а за 13 години од кога постојат 1,2 милијарди евра од граѓаните и компаниите. Но, се жалат дека наплатата им е падната за 50 милиони евра од пред две години. Им сметаат протестите на граѓанските здруженија секој ворник пред Министерството за правда зошто создавале погрешна слика за професијата извршител. Велат – никој не понудил докази дека некои извршители се во спрега со нотарите и адвокатите со цел да ги „набилдаат“ трошоците при извршувањето.
Покрај ваквите законски привилегии со кои се стекнаа должниците, протестите продолжуваат со несмален и пожесток интензитет каде што извршителите неосновано се клеветени и навредувани со многу низок вокабулар со кој се руши авторитетот на благородната професија Извршител,
рече Зоран Димов, претседател на КИРМ.
Сепак не сакаат да се вратат во судовите и да работат за просечна плата. А не ги откриваат ниту топ 10 извршители кои изминатите години имале милионски заработувачки.
Извршувањето во првата година беше само 2 до 3 проценти, а со донесување на законот во 2006 гоидна се извршуваа 40 проценти од барањата за извршување. Сметам дека враќањето во судовите ќе биде погиубно за правниот систем и судските реформи во РМ. Морам да кажам дека заработките се намалени,а тоа можете да го видите од регистрите тоа се јавни регистри,
рече Димов.
Не кажуваат дали се за ветинг, односно испитување на работата и заработувачката на извршителите, бидејќи се скептици како тоа би се имплементирало кај нас. Инаку за 13 година само 3-ца извршители се разрешени поради незаконско извршување, од кои двајцата последниве две години.
Со цел пак да ги слушне проблемите на граѓаните Комората на извршители организира Отворени денови низ повеќе градови низ земјава. Сакаат да ги информираат граѓаните и кои се нивните права при извршувањето.
Александра Филиповска