
Измамници преку донации од хумани луѓе украле над 50 илјади евра
„Ако успееме да спасиме едно дете, исто како да сме го спасиле целиот свет!“, стои на веб страната на фондацијата „Допир“ преку која двајца измамници, брат и сестра од Скопје, собирале пари од хумани граѓани за наводно лечење на болни деца а парите ги трошеле за себе.
Собрале три и пол милиони денари за донации пред да бидат откриени и уапсени а сметката на фондацијата замрзната.
Полициската истрага сеуште утврдува колку точно пари се уплатени на лажнатата фондација и колку точно тие извадиле и ги потрошиле.
Од податоците кои се достапни на интернет страната на фондацијата „Допир“, како основач се јавува скопјанецот Миле Шулевски а идентитетот се совпаѓа со иницијалите кои ги соопшти МВР.
Начинот на кој оперирале е уникатен а со цел потешко да им се влезе во трага и да се открие измамата.
На страницата на фондацијата нема телефонски број за донации а уплатите се вршат единствено на жиро сметка на фондацијата отворена во една домашна една банка.
Тоа се должи и на фактот што за да се добие телефонски број за донации потребно е да се достави историјат на болеста за лицето за кое се донира. Нагласено е дека средствата собрани од донациите се плаќаат директно на болницата или здравствената установа и не се даваат на семејството на пациентот, со што се минимизира ризикот да бидат откриени.
„ Лимфобластна леукемија“, „редок облик на артрогрипоза и срцева мана“, „церебрална парализа“ се само дел од дијагнозите кои се наведени под сликите на малите дечиња за кои барале пари.
Според информациите на полиција, најголем дел од идентитетите на дечињата за кои тие барале пари за лекување се измислени и не постојат.
Хуманите граѓани и компании кои донирале средства се поставени на страната на фондацијата со сумата која ја дале, а извори од истрагата потврдија дека токму оттаму и дошла пријава за измамниците.
Телма се обиде да стапи во контакт со осомничените, но на адресата на која се наоѓа фондацијата, стан кај Млечниот ресторан, немаше никој ниту пак осомничените одговараа на повиците на наведениот телефонски број.
Од МВР соопштија дека сметката на фондацијата по наредба на судот е замрзната а во рамките на истрагата сеуште се утврдува колку точно средства подигнале и потрошиле двајцата осомничени.
Огнен Чанчаревиќ