Измамничката од УЈП не се појавува на работа- уште десетина жртви на Розмарин се пријавија дека ги измамила

Уште десетина жртви, измамени од службеничката на УЈП се јавија во Телма откако во емисијата КОД беше објавена биографијата на Розмарин Стојковска, која еднаш е правосилна осудена условно, но извршила и уште најмалку 3 граѓани за што обвинителството отворило предистрага.

Една од измамените ни пиша дека по нејзина пријава против Розмарин Стојковска е поднесен обвиненителен предлог уште во 2011-та, а судскиот процес почнал пред 4 години и уште трае во скопскиот кривичен суд.

Таа жртва не беше единствената која пиша за измамите, на се уште вработената во УЈП, службеничка.

Денеска во канцеларијата на втори кат во дирекцијата на УЈП, Розмарин не се јави. Според сознанијата, таа во четвртокот попладне веднаш по телефонските повици од екипата на КОД си заминала од канцеларијата пред крај на работното време. Отогаш веќе трети ден по ред не дошла, а само се јавила дека е на боледување.

Во четврток за Стојковска е закажано сослушување пред дисциплинската комисија откако жена таксистка ја пријавила за измама. Ова не е првпат УЈП да оформи дисциплински постапки против Розмарин Стојковска. Од 2011-та досега за неа се расправало поради пријава за злоупотреба на доверливи даночни податоци, за неположени тестови и сега за измама.

Даночната службеничка еднаш била отпуштена од УЈП, но судот и граѓански и апелациониот и Врховниот суд ја вратиле на работа затоа што отказот и бил врачен 4 дена подоцна од законски предвидениот рок од три месеци по дознавање на престапот. Ова уште еднаш го отвора прашањето за огромната заштита на вработените во државно, кои и покрај очигледни престапи или пријави за кривични дела се заштитени со процедури.

Откако е вратена во УЈП, Стојковска продолжила со своето поведение, се претставувала како вработена во даночната управа и со барање помош за отворање бизнис или вадење инвалидска пензија измамила уште десетици граѓани.

Од УЈП на прашањето за нивната службеничка ни одговорија дека до завршување на сите постапки не може да дадат повеќе детали, но потврдија дека Стојковска веќе нема пристап до доверливи даночни податоци:

-Ве известуваме дека против конкретното лице, вработена во Управата за јавни приходи, се води постапка за утврдување на одговорност, којашто е отпочната по пријава на надворешно лице. По добивањето на претставката, а земајќи го предвид претходното поведение на лицето, како и направената проценка дека се нарушува угледот на институцијата, УЈП постапката ја отпочна веднаш. До конечно завршување на постапката не сме во можност да споделуваме повеќе детали со јавноста за конкретниот случај. По однос на Вашето прашање за работното место Ве известуваме дека конкретното лице по повторното враќање во УЈП работи на работно место соработник. Напоменуваме дека лицето е со статус на  државен, а не даночен службеник и со тоа нема пристап до даночни информации, ни одговорија од УЈП.

За една измама, вработената во УЈП Стојковска е осудена правосилно, но на условна казна. Со повторување на делото и со невраќање на парите службеничката ги прекршила условите од пресудата

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ