
Изјавата на Мицковски за пренамена на парите од кампањата отвори партиска вербална војна на локално ниво во Тетово
Изјавата на Христијан Мицковски дека парите наменети за кампања за престојниот референдум неговите пратеници ќе ги дадат за изградба на објект за тетовските гимназијалци, отвори партиска вербална војна на локално ниво.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Тетово, реагираа на пресс конференцијата на претседателот на општинската организација на СДСМ Тетово Бобан Видоески кој пред два дена најави дека гимназијата ќе започне да се гради од наредниот месец и за ваквиот проект нема потреба да помагаат опозиционите пратеници. Според нив ваквата информација е конфузна и сосема спротивна на тоа што го најави премиерот Зоран Заев.
Во дворот на постоечката гимназија нема никакви подготовки за изградба на објект, кој треба да биде наменет за учениците кои следат настава на Македонски јазик. Тие и оваа учебната година ќе ја започнат во објектот на стара медицина. Директорот на гимназијата вели дека добро е децата да се интегираат во една зграда, а така ќе се намалат и трошоците за одвивање на наставата. Истакна дека ќе се започне со градба, но не знае кога. Ја исклучува можноста во септември да се стартува со градежните активности.
Од Министерството за образование ни рекоа дека годинава имаат одобрено 31 милион денари, за решавање на просторниот проблем во тетовската гимназија. Оттаму потенцираа дека отпочнување на процедурата за градба е во рацете на Општина Тетово. Но засега од локалната самоуправа не даваат никакви информации, кога ќе започнат со градење на објектот наменет за учениците Македонци
Зоран Димовски