
Изгоре фарма во село Брвеница, тетовско
Семејството Јовановски од Брвеница остана без основната егзистенција. Синоќа во пожар им изгоре фармата заедно со поголемиот дел од стоката и храната.
Во пламените јазици угинати се 55 свињи, дел од стоката е спасена, но поради изгорениците и вдишуавњето на чад неизвесно е дали ќе преживеат.
„Тогаш стигнав од работа и само што излегов надвор видов чад. Знаев дека се случува точно на нашето место. Кога дотрчав овде, му се јавив на постариот брат да дојде дека гори. Голема штета е направена на фармата. Има околу 55 угинати свињи, сега моментално нешто спасија благодарение на противпожарната единица која брзо стигна“ кажа Златко Јовановски, чијашто фарма изгоре.
Во гасењето на пламените јазици Територијалната противпожарна единица Тетово, интервенираше со 8 пожарникари и две противпожарни возила. Екипите беа поделени на две групи, со цел да се спаси тоа што остана.
„Екипа работеше на локализирање на пламените јазици за да не се шират бидејќи се работи за една голема фарма со големи димензии. И други две екипи работеа во спасување на животните“ кажа Ука Алити, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.
Семејството Јовановски се сомнева дека пожарот е подметнат. Пред да избувнат пламените јазици, Јовица Јовановски бил во фармата да земе трактор со кој заминал на нива. За неполни 5 минути му јавиле дека избувнал пожар.
„Како настанало, што настанало, јас ништо не приметив. Не можам некого да наклеветам ама се’ ми паѓа на памет дека некој ме следел, да заминам јас и нешто да направи“ кажа Јовица Јовановски, чијашто фарма изгоре.
Фармата која не е осигурана ја посетија преставници од Општина Брвеница, од каде ја сумираат штетата.
Семејството Јовановски се надева на финансиска помош од општинската и од централната власт, за да можат што поскоро да ја обноват шталата и да купат нови грла стока.
Зоран Димовски