Изгласувањето на законот за употреба на јазици предизвика тензии

Запален автомобил на пратеничка, полициски патроли кои поминувале и пред куќи на пратеници, бура од закани на социјалните мрежи. Изгласување на законот за употреба на јазици предизвика тензии, а полицијата и денеска беше пред Собранието.

Според МВР полициските активности се одвиваат во согласност со безбедносните проценки.

„Врз основа на безбедносните проценки, МВР ги презема неопходните мерки за гарантирање на сигурноста и безбедноста на граѓаните и државата. Во текот на вчерашниот ден, согласно безбедносните проценки, беше зголемен бројот на полициски патроли во неколку реони во неколку градови во државата. МВР ги следи тековните случувања и се прават редовни безбедносни проценки, врз основа на кои, се преземаат соодветни мерки.“

Меѓу мерките биле и проверки, контроли и патроли пред домови на пратеници кои се од владеачката коалиција, односно од пратеничката група на СДСМ. Во Скопје немало проблеми, но, во повеќе градови во внатрешноста пратениците добивале телефонски закани и навреди, а истото се повторило и преку социјални мрежи. Полицијата проверува колку се сериозни заканите кои се упатуваат преку интернет. Најсериозен инцидент се случи синоќа во Виница кога на пратеничката Славица Шуманска Митева и беше запален автомобилот паркиран до семејната куќа. Заедно со сопругот го забележале запалениот Сеат Леон од пожар подметнат со бензин. Шуманска и денеска беше на собраниска седница, и не одговори на нашите повици. Заедно со колегите од власта расправаа за промени во законот за пушење на јавни простори.

Дури внатре разменуваа сочни реплики за правата на пушачите и непушачите, пред Парламентот имаше полициско обезбедување, а спроти Собранието во паркот Жена борец се собираа потписи против вчера изгласаниот Закон за употреба на јазиците.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ