Изгласани уставните амандмани со 81 глас „За“

81 пратеник вечерва одлучија дека Република Македонија треба да замине во историјата. Гласаа „за„ амандманите со кои и дома и во странство ќе бидеме граѓани на  Република Северна Македонија.

На осумтемина пратеници кои излегоа од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, вечерва им се придружи и Панчо Минов, кој исто така го даде својот глас за уставните амандмани и за уставниот закон.

Оваа пратеничка група во последен момент поднесе амандман со кој бараа, новото име да биде само за меѓународна употреба, но им беше одбиен и од премиерот и од пратениците. Побараа објаснување од премиерот, зошто прифатил ваков договор, на што тој одговори дека ова се тешки, но сериозни одлуки.

На гласањето му претходеа тридневни преговори со партијата БЕСА кои, за да гласаат за амандманите, издејствуваа да немаат македонско државјанство, туку „на Македонија„.

Пратеничката Канческа-Милевска, во својата дискусија го критикуваше однесувањето на ВМРО ДПМНЕ во целиот процес на уставни измени, а особено за нападите кон пратениците, кои гласаа спротивно од партиската волја.

Останатите пратеници вечерва не беа расположени за дискусија, никој не се пријави за збор.

По ваквиот исход од гласањето, од македонска страна нема пречка за имплементација на Договорот од Преспа. Сега следува негова ратификација во грчкиот парламент.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ