Изгласан новиот Закон за урбанистичко планирање што ќе се применува од јуни

Со изгласаниот нов Закон за урбанистичко планирање во Собранието на РСМ, се овозможува полесна изработка на урбанистички планови и со него ќе ги надминеме коруптивните влијанија , што ги имавме претходно во оваа дејност, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната презентација на законот.

Според основните решенија на Законот за урбанистичко планирање, се поедноставуваат постапките на општините за донесување на плановите, особено за урбанистичките планови за селата, потенцира Сугарески. Постапките се потранспарентни за граѓаните , со тоа што уште во стартот на секоја постапка за донесување план, надлежниот орган треба јавно да ја истакне планската програма ( на веб страницата на општината). Ќе се спроведува јавна анкета што ќе трае од 30 до 90 дена, а органот што го носи планот , задолжително ќе мора да формира тело во кое ќе се вклучат сите заинтересирани стани и интересни групи од локалната заедница. Телото може да влијае на планските решенија и на политиките за просторен развој на општината, објасни министерот Сугарески.

Со новиот закон, се кратат постапките за донесување планови. Најмногу 18 месеци за изработка и донесување на ДУП и урбанистички план за надвор од населено место, 36 месеци за донесување ГУП, за урбанистички план за село и за градби и подрачја од државно значење и 48 месеци за изработка и донесување на ГУП за град Скопје. При непочитување на роковите од неоправдани причини , предвидени се прекршочни одредби, потенцира Сугарески. Според него, со новиот Закон за урбанистичко планирање, за прв пат е предвидена постапка за ГУП за град со плански опфат од 400 хектари. Тој може да се разработи и како ДУП, како составен дел на ГУП-от. Тоа значи дека малите градови ќе добијат и ГУП и ДУП. Предвидена е синхронизирана постапка за донесување план, кога измените и дополнувањата на ДУП-от се условени од измени и дополнувања на ГУП-от и др. Оваа постапка ке биде најкорисна за општините во градот и за градот Скопје, рече министерот за транспорт.

Законот предвидува обединета постапка , со која во исто време се изработува ГУП-от и најмалку еден ДУП, во границите на планскиот опфат на ГУП-от. Предвидено е и суспендирање на план, во рок , не подолг од 1 година . Во тој рок , додека планот е суспендиран, органот е обврзан да донесе нов. А, се зајакнува и инспекцискиот надзор и надлежностите, со воведување регионални урбанистички инспектори. Тоа значи дека надзор на плановите ќе може да има Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, бидејќи до сега никој не вршеше надзор, дополни министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Новиот Закон за урбанистичко планирање ќе стапи на сила од јуни 2020, а до тогаш ќе се усогласува со правилници и со други подзаконски акти.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ