
Избрани седум обвинители во организиран криминал
Обвинителката Вилма Русковска која ја води истрагата за 27 април, останува во обивнителството за организиран криминал. Советот на јавните обвинители денеска ја реизбра откако и истече мандатот. Во ова обвинителство кое води големи предмети за криминал и корупција реизбран е и Наум Пановски, обвинителот кој со Русковска го водеше предметот за Диво Насеље. Но дел од обвинителите кои до сега работеа во организиран криминал иако конкурираа на огласот, советот не ги избра туку се враќаат во обвинителствата од каде дошле.
Меѓу нив е и обвинитлеката Лидија Раичевиќ која ги водеше предметот „Ровер“ за Љубе Бошкоски и „Еразмус“ за професорите од Економски факултет и периодов го критикуваше Советот на јавните обвинители како и обвинителот Владимир Милошевски, кој го водеше предметот „Поткуп“ против премиерот Заев и во понедленикот не се појави на рочиштето. Претседателот на Советот на јавните обвинители тврди дека со денешниот избор никого не казнувале или наградувале.
Во ова обвинителство повторно е избрана и досегашната обвинителка Сузана Мирчевска а нови колешки кои доаѓаат во организиран криминал се четирите обвинителки од скопското основно обивнителство, Ивана Трајчева, Енгелуше Кариу Леши, Валентина Билсимовска и Марија Ѓоргова. Ѓоргова е позната на јавноста поради што што заедно со уште една обвинителка првично беа дел од тимот на специјалната обивнителка, но подоцна беа избркани со официјално образложение од Јанева дека и се потребни помалку обвинители. Во јавноста до денеска остана нерзајаснето дали тоа беше единствената и вистинската причина. Ѓоргова е во роднинска врска со сопругата на Штериев. Тој го потврди ова но тврди немало судир на интереси. Не ја напуштил седницата затоа што, како што вели ќе немало кворум, но гласал воздржано.
Но шефовската позиција во обвинителството за организиран криминал останува со вршител на должност а периодов се испразнуваат раководните места на вкупно 17 обвинителства. Советот се уште не распишал оглас и велат тоа ќе го сторат во наредниот период.
Елена Ивановска Мукоска