
Изборот на ДИК во ќорсокак
Изборот на Државната изборна комисија во ќорсокак. Роковите течат, а договор нема. Претстои референдум, а се уште не е формирано телото кое ќе треба да го организира. Претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски нема да ја закаже седницата се додека политичките партии не постигнат договор.
Доколку тоа го направам тогаш процесот ќе биде неуспешен и целата постапка ќе се врати на почеток, вели Димовски.
„Залудно ќе биде да ја закажам седницата ако партиите немаат компромис. Изборот нема да наиде на целосна подршка и ќе се доведеме во ситуација повторно да стартуваме од почеток, со нов оглас, нов рок за канидатури што дополнително ќе го комплицира целиот процес“ кажа Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прави се со цел да го опструира референдумот. Неговите информации говорат дека Законите за финансирање на политичките партии и за Влада се веќе договорени и усогласени како на ниво на работни групи така и на највисоко раководно ниво. Тоа значи дека ваквото барање на најголемата опозициска партија е само провиден изговор.
„Очигледно е дека најголемата опозициска партија се плаши од референдумот затоа што знаат дека ќе успее, како и од евентуални вонредни избори затоа што знаат дека ќе ги изгубат катастрофално. Не гледам каква врска има донесувањето на наведените два закона со изборот на ДИК во Собрание, што е приоритет за сите и веќе усогласена и договорена работа“ кажа Томислав Тунтев од СДСМ.
Без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ не може да се избере ДИК затоа што за гласање е неопходно двотретинско мнозинство. А, без ДИК не може ниту да се организира ниту да се спроведе референдумот. Сите партии со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ веќе ги утврдија своите кандидати. Токму оваа партија инсистираше на вакво решение кое ќе биде со шестмесечен мандат и ќе номинира Претседател на ДИК од нивните редови.
Собранискиот спикер Талат Џафери на неколку наврати апелираше до партиите да седнат и во најкус рок да се договорат. Секое одолговлекување го оцени како намерно опструирање.
Јулијана Пешевска