Изборите зависат од здравствените проценки

Дали дојде време да се бара нов термин за предвремените избори, ќе се знае утре, кога Кризниот штаб и Комисијата за заразни болести ќе ја разгледаат здравствената ситуација во земјата и мерките за заштита на населението.

ВМРО ДПМНЕ ги повика членовите на Комисијата, како и министерот Филипче,  да решаваат во прилог на здравјето на граѓаните, а не во прилог на политичките желби на СДСМ.

Запрашан кој е првиот можен термин за предвремените избори доколку вонредната состојба заврши на 16-ти мај, Мицкоски најави дека ќе се изјасни на лидерската средба кај претседателот Пендаровски што ќе се одржи на 12-ти мај. Од кабинетот на претседателот велат дека по лидерската, во текот на наредната недела, ќе биде свикан и Советот за безбедност.На лидерската средба не треба да се лицитира со датум за избори, вели вицепремиерката Радмила Шеќеринска. Но сугерира, избори да се организираат веднаш штом стручните лица оценат дека епидемијата дава таква шанса.

Во очекување крај на вонредната состојба и олабавување на мерките, партиите се враќаат на изборната тематика. Според СДСМ, избори може да има и кон средината на јуни, додека за ВМРО ДПМНЕ би било прифатливо барем еден месец подоцна. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, неодамна за Телма изјави дека за завршување на изборните дејствија се неопходни 50-тина денови, броејќи наназад од денот што партиите ќе го договорат како изборен.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ