
Изборите извесни, кандидатите неизвесни
По ВМРО ДПМНЕ, и СДСМ ќе го бара вистинскиот претседателски кандидат преку јавен повик.
Кандидатот треба да биде личност со висок општествен углед, способен за извршување високи државнички функции, да ужива доверба од членството и да ја оживотворува политиката на СДСМ на најдобар начин. Сите заинтересирани може да достават кандидатура најдоцна до 19 февруари, а изборот ќе биде направен на конгресот на 3 март.
Објавените критериуми наведуваат дека се типува на кандидат од партијата или мошне близок со nea, односно, дека тој е дел од истакнатата четворка Шеќеринска, Спасовски, Пендаровски и Димитров. Со други зборови, партијата е се подалеку од договор за заеднички кандидат со ДУИ.
Кај ДУИ, отворени се сите опции: или консензуален кандидат со СДСМ, во чиј избор тие би имале активна улога, или заеднички кандидат на сите партии на албанците, или, сопствен кандидат.
Во ВМРО ДПМНЕ, имињата на осумте кандидати се класифицирана информација. Освен Владимир Ѓорчев и Филип Петровски, кои јавно кажаа дека бараат поддршка, нема потврда дали и професорката Гордана Силјановска и екс градоначалникот Коце Трајановски се на оваа листа. Како на шега, велат дека повеќето апликанти се политички анонимни, се викаат: Никита, Ѓорѓи, Томе, или, нешто слично. Имињата ќе ги објават утре, а изборот ќе се одржи на Конгрес во Струга на 16 овој месец.
Во шега или не, неколку помали партии повикуваат на здружување по етничка основа. Прво Амди Бајрам ги повика ромите, потоа и Енес Ибрахим побара сите партии на турците да се здружат околу заеднички кандидат. И Централниот одбор на ЛДП со повеќе од 70 гласа за и двајца воздржани донесе одлука за самостоен настап. Пријавите ги очекуваат во наредните две недели, но оставаат простор и за договор со СДСМ, доколку биде понуден солиден кандидат.
Според Изборниот законик, претседателски кандидат може да предложат 30 пратеници или 10 илјади граѓани. Значи, сите освен СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, ќе треба да собираат потписи за да влезат во првиот круг од претседателската трка. Во вториот, во кој одат само двајца кандидати, ќе може да договараат кому и по каква цена би ја префрлиле поддршката. Но, главната опасност за неуспешни избори е цензусот од 40% излезност. Без него, до крајот на годината веде претседател ќе биде спикерот Талат Џафери, а партиите ќе треба да одберат меѓу нови избори и нов уставен амандман за бирање претседател во Собрание.
Соња Николовска