Избори за шест месеци

На денот кога следбениците на Грегоријанскиот календар ќе прославуваат Велигден, нешто повеќе од милион и 800 илјади полнолетни граѓани на Македонија ќе излезат на десеттите парламентарни избори. За терминот 12-ти април синоќа консензуално се договорија седум лидери на партии. Се лицитирало со термини од 22 декември до 19 април, но овој термин станал оптимален зашто парламентот ќе биде функционален во декемеври и јануари, кога треба да го ратификува протоколот за НАТО. Во јануари Зоран Заев заминува од премиерската функција, го заменува технички премиер од редовите на СДСМ во Пржинската Влада.

По предлог на ВМРО ДПМНЕ, ќе бидат избрани министри за внатрешни работи и за труд и социјала, како и заменици за финансии, земјоделство и информатичко општество. За персоналните решенија во техничката Влада се уште е рано, велат и Заев и Мицкоски.

И другите партии го поздравија договорот за предвремени избори.

Предвремените избори се закажани токму во периодот кога, по 19 години, треба да се спроведе Попис. СДСМ сметаат дека пописот треба да се спроведе наредната година, а за ВМРО ДПМНЕ подобро е да се одложи за 2021. Алијансата верува дека може да се изменаџира и да тече истовремено со изборите, но другите партии се скептични дека тоа е можно.

Синоќешната средба кај претседателот Стево Пендаровски беше прва без странски посредници. Сите заедно ја потврдија европската ориентација на земјата, и покрај тоа што Европската унија не донесе одлука за почеток на преговорите за полноправно членство.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ