Избори на 15-ти јули

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција соопшти дека СДСМ го заклучува 15 јули како последен и единствен датум за избори.

„За да не страна народот и да им се овозможи на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат, го заклучуваме 15 јули како конечен, последен и единствен датум на избори на кој гарантирано ќе учествува опозицијата. Денеска повторно разговарав со Мицкоски и ми потврди дека е подготвен да учествува на избори“.

Тој го повика Мицкоски да излезе и јавно да го потврди датумот.

„На крајот викаат човекот е голем и тежи онолку колку што му тежи зборот, затоа го повикувам два-три пати сега да излезе и да потврди“,

За изборите да се одржат на 15 јули, рече Заев, ќе се бара претседателот да прогласи нова вонредна состојба за да може да се направат и промени во Изборниот законик.

Една од промените е бидејќи 15 јули е среда, а не недела. Ќе се гласа и на 13 и 14 јули (понеделник и вторник) кога своето право на глас ќе може да го остварат болните и изнемоштените, лицата кои се позитивни на ковид-19, како и оние кои се во самоизолација. Молкот, пак, ќе настапи на 12 јули, недела на полноќ.

Периодот за гласање на 15 јули, рече Заев, ќе биде зголемен, па наместо од 7 до 19 часот, би се гласало два часа подолго односно од 7 до 21 часот.

Двајцата лидери се договориле да го информираат претседателот Стево Пендаровски кој, пак, понатаму треба да ги извести останатите политички партии. Заев и Мицкоски ќе ги известат членовите на ДИК од нивните партии за да седнат, рече лидерот на СДСМ, и да ги усогласат сите протоколи.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ