
Избор на новото партиско раководство на денешниот Централен одбор на СДСМ
Изборот на новото партиско раководство, како и заокружување на внатрепартиските промени се очекуваат денеска на седницата на Централниот одбор на владејачката СДСМ. Партиското раководство веќе е во Охрид, а премиерот Зоран Заев, кој воедно е и претседател на Социјалдемократскиот сојуз, денеска од Преспа најави пријатни изненадувања на состанокот на Централниот одбор на партијата што попладне треба да се одржи во Охрид.
– Централниот одбор денеска треба да го избере Извршниот одбор на партијата, секретарите. Имавме консултации пред состанокот со заменик-претседателот и генералниот секретар, но мислам дека ќе има пријатни изненадувања кои се типични за левичарските партии и верувам дека тоа ќе биде убава кадровска импликација за да можеме да ги мотивираме и други политички партии и општеството да се менуваме кон подобро, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Преспа.