
Избегани затвореници со месеци ограбувале низ Скопје- фатени пред една недела
50-годишен жител на Газибаба имал уште 8 години и 11 месеци за издржување казна затвор, но со години бил во бегство и наместо во Идризово заедно со близок роднина и со уште еден избеган затвореник извршиле серија тешки кражби во Скопје.
Полицијата денеска соопшти дека е откриена 4-члена разбојничка група, меѓу нив еден разбојник се уште е непознат, и против нив СВР Скопје поднело кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени пет кривични дела „тешки кражби“. Апсењето на тројца е изведено минатиот викенд.
Разбојничката група во која имало двајца искусни крадци избегани од затвор, според полицијата „од 24.09.2017 до 13.04.2018 година на подрачјето на Скопје во бензиски пумпи, маркети и аптека пријавените извршиле три тешки кражби и две „тешки кражби во обид“. Тие со употреба на физичка сила и погоден алат ги отворале влезните врати и одзеле сеф во кој имало 256.346 денари (околу 4.250 евра) и поголема количина на цигари.“
По истрагата, првин е уапсен 35-годишниот Скопјанец Д.Ј. кој минатиот викенд е најден во кафе бар во Скопје и потоа е предаден во Казнено поправната установа во Куманово на доиздржување казна затвор до 2019 година, со правосилна пресуда за сторени повеќе кривични дела од областа на имотните деликти.
Останатите двајца осомничени се најдени истиот ден во нивниот стан на улица Благоја Стефковски во Маџари. Во станот се најдени и предмети кои потекнуваат од извршените кражби. 36-годишниот М.Е. е приведен, додека неговиот близок роднина 50-годишниот Ш.Е. е вратен во затворот во Идризово од каде избегал одамна (полицијата не соопшти кој период осуденикот избегал). Тој имал да издржи уште „казна затвор од осум години и 11 месеци, со правосилна пресуда за сторени повеќе кривични дела од областа на имотните деликти“.