
ИВЗ: По претседателските избори ќе го враќаме имотот на ИВЗ во дијалог со владата
Писмото до владата не е уцена, ниту закана како што синоќа обвини премиерот Зоран Заев туку барање за решавање на долгогодишните судски спорови за денационализација на имотот на Исламската верска заедница, велат оттаму по денешната средба со новинарите. Писмото било редовна преписка со владата, а се сомневаат дека вработени го пуштиле на социјалнитие мрежи. Одлучиле да ги запрат несогласувањата со владата до завршувањето на изборите.
Нас не не интересира што е пред изборите. Еве ќе чекаме да завршат изборите па ќе видиме што ќе преземеме, за да не не употребат во политички цели, велат од ИВЗ.
Чашата ја прелеле оспорувањта од граѓанската инцијатива „Совест“ која што во Охрид им ја кочи реконструкцијата на Алипашината џамија и минарето од 32 метри, проект во кој нема ништо спорно објаснуваат од ИВЗ. Тврдат дека од 350 барања за кои бараат враќање или обештетување, 40 отсто се решени, а останатите се чекаат заглавени во судовите. Оттаму не останаа покуси да ги споменат атрактивните земјишта кои со тапии си ги вратиле останатите верски заедници, но без да кажат дали тоа се однесува на земјиштето на МПЦ спроти хотелот Холидеј ин во Центар.
Одземањето на туѓиот имот е грабеж. Селективниот однос кон верските заедници кога е во прашање враќањето на национализираниот имот и дарувањето на одредени верски заедници со атрактивни објекти и парцели е дискриминација, се наведува во соопштението на ИВЗ
Меѓу спорните познати објекти за кои бараат враќање се Капан ан, Сули ан, резиденцијата на реисот која никогаш не се изгради на нивното, како што велат, земјиште на Кале, а сега се наоѓа во посед на Комерцијална банка како одземен имот, а претходно за 20 евра за метар квадратен го купило семејството Камчеви. ИВЗ е решена да си ги врати сите 4 милиони квадратни метри земја, но и 42 илјади метри квадратни во деловен простор одземено од државата по Втората светска војна. Кога станува збор за сметките, данокот и целокупното финансиско работење од ИВЗ велат дека немаат законска основа да поднесуваат финансиски извештај до Управата за јавни приходи, што, пак е спротивно од изјавата на директорката.
Нека си го прочитаат законот, ние не сме даночни обврзници и нема зошто да поднесуваме, велат од ИВЗ. Портпаролите тврдат дека реисот на ИВЗ не се сретнал со премиерот, но затоа владата од нив побарала мислење какви се искуствата на другите земји со државното финансирање на верските заедници, за што испратиле извештај и информирале дека таква пракса има во повеќето соседни земји.
Павле Беловски