Иванов во ОН: На 30 септември нема да излезам да гласам

Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации им порача на македонските граѓани дека гласањето на референдумот е нивно право, а не обврска.

„Во согласност со Член 7, став 3 од Законот за референдум, „никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум.“ Секој граѓанин има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира“, рече шефот на државата.

Потсети дека изминатите неколку недели Република Македонија ја посетиле повеќе високи странски претставници и рече оти е свесен дека многумина од нив искрено сакаат да и помогнат на земјата да стане дел од Европската Унија и НАТО.

„И од срце им благодарам за нивните добри намери. Но, се плашам дека и тие биле доведени во заблуда. Нивната порака е дека ако референдумот не успее и ако Преспанската спогодба не се прифати, тогаш не треба да се надеваме на членство во НАТО и во Европската Унија. А јас ги прашувам – ако ни ја земете надежта, што ќе ни остане? Помогнете ни со тоа што ќе го деблокирате процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без да го кршите правото на самоопределување“, истакна Иванов.

Потсети дека тој како граѓанин веќе ја донел својата одлука.

„На 30 септември нема да излезам да гласам. Верувам дека и вие, моите сограѓани ќе донесете мудра одлука. Истовремено, ви се обраќам вам, претставниците на државите-членки на Обединетите нации. Овој ирационален спор има штетни последици по Република Македонија и нејзините граѓани. Поради грчките блокади, нам ни се одзеде правото на просперитет. Сето тоа, за жал, се одразува на одржливоста на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Општество кое изминативе 27 години активно придонесува за мирот, стабилноста и безбедноста во регионот и Европа“, истакна Иванов.

Додаде дека позицијата на официјална Атина не само што е спротивна на меѓународното право и на одлуката на македонските граѓани, таа е спротивна и на волјата на речиси 140 држави-членки на Обединетите нации кои на Република Македонија и го признаваат фундаменталното право на самоопределување и и се обраќаат под нејзиното уставно име. Како претседател на Македонија тој ги повика сите држави кои веќе ја признале Република Македонија и воспоставиле дипломатски односи под нејзиното уставно име да не ги менуваат своите одлуки.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ