Иванов се сели во недела, но не открива каде

За три дена, претседателот Иванов треба да се исели од Вила Водно. Но каде ќе замине оттаму и дали ќе ги искористи привилегиите што му следуваат, се` уште не открива. Уште пред две недели, од неговиот кабинет се интересирале во Службата за општи и заеднички работи, што е тоа што му следува по закон, но досега не е поднесено никакво барање.

Законот за правата на поранешниот претседател, донесен во 2004-та година, му обезбедува на Иванов пензија од стотина илјади денари месечно, колку што зема актуелниот шеф на државата.

Му следува и канцеларија со тројца вработени по негов избор, лично обезбедување, службено возило и возач.

Овие права ги користеа и ги користат и претходните претседатели.

Бранко Црвенковски стана пензионер на 47 годишна возраст и има сопствена канцеларија во близина на партиското седиште. Сопругата на починатиот претседател, Борис Трајковски, пак, користи доживотна пензија  во износ од 70% од неговата плата. На неа и беше изградена и куќа, а доби и средства за школување на децата.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд му констатирал деловна неспособност за време на мандатот.

Пред заминувањето на Иванов, се` уште е отворена и дилемата за поднесените барања за помилување на осудените за „27 април”. Освен потврдата дека барања се пристигнати, од кабинетот на претседателот не кажуваат како ќе постапи Иванов.

Законите изгласани во Собранието што Иванов одби да ги потпише, новоизбраниот претседател Стево Пендаровски, кој треба да стапи на должност на 12 мај, најави дека ќе ги потпише уште првиот ден по стапувањето на функцијата.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ