Иванов од ОН и порача на меѓународната заедница дека е во заблуда

Остри зборови до Атина, малку поумерени кон меѓународната заедница и со порака до граѓаните и дека секој има право да гласа или да го бојкотира референдумот, во ОН се обрати претседателот на државата, кој целиот говор од 24 минути го посвети на правото на самопределување на македонскиот народ и Договорот за името.

Иванов од говорницата на 73-то Генерално собрание ги повика државите кои ја имаат признаено Макеоднија под нејзинотот уставно име да покажат принципелност и да не ја менуваат својата одлука. Иванов на меѓународните претставници кои пред референдумот ја посетија земјава рече дека иако имале добри намери, многумина од нив биле доведени во заблуда во врска со Договорот од Преспа.

„Нив ги прашувам, дали тие би прифатиле да го дерогираат право на самоопределување на нивните сопствени народи и држави?… Не не убедувајте да јадеме од овој отровен плод. Крајно време е отровното стебло, со се неговиот отровен плод, да бидат отстранети“, порача Иванов.

Иванов во контекст на Договорот од Преспа многу остро ја нападна Грција, обвинувајќи ја за непринципиелноста и оти го наметнува Догоорот за името по пат на сила и оти се однесува како да не ја обврзуваат правилата на меѓународниот поредок.

„Во архивите на Обединетите нации постојат илјадници страници документи и сведоштва за тоа што Грчката држава им правела на Македонците во Грција. Сега, со Преспанската спогодба Грчката држава сака да им го направи истото и на Македонците во Република Македонија. Целта е употребата на името Македонци да ја ограничи на најмалиот можен простор – а тоа е просторот меѓу нашите две уши, држејќи ја притоа нашата уста затворена“, рече Иванов.

Иванов во обраќањето пред Гернералното собрание не ја спомена актуелната власт во земјава, но им порача на граѓаните дека гласањето е нивно право, а не обврска. Повторувајќи го својот став дека тој ќе бојкотира, Иванов од говорницата на ОН рече дека се надева оти и граѓаните ќе донесат мудра одлука.

„Ако овој референдум биде успешен во согласност со законот, тогаш не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име и нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Но, доколку овој референдум не е успешен, тогаш се отвора нова можност. Можност да разговараме и да ги разгледаме новите опции за решавање на прашањето во согласност со меѓународното право, преку почитување на нашето фундаментално право на самоопределување“, рече Иванов.

Заменик-минитерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој е исто така на Генералното собрание на ОН, ја напуштил салата за време на обраќањето на Иванов поради како, што рече, не сакала да му даде легимитет на скандалозен настап на Иванов.

„Скандалозен настап, полн со манипулации, омраза и создавање непријатели“, рече Жерновски.

За Жерновски отворениот повик за бојкот на референдумот од страна на Иванов е груба злоупотреба на говорницата на ОН.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ