Иванов очекува влез на Македонија во НАТО, но без Договорот за името?!
Претседателот Ѓорѓе Иванов очекува годинава Македонија да стане членка на НАТО. Ова е и неговата желба за Армијата, чии припадници денеска ги посети како како врховен командант на вооружените сили. Но, не појасни како ќе се случи тоа беа Договорот за името, што е клучен услов за евроатлантските интеграции, а кој тој одбива да го потпише.
Иванов минатата година не сакаше ниту да ги чуе деталите од Договорот за името и ја прекина средбата со премиерот Заев и министерот Димитров. Во неколку наврати подоцна зборуваше за штетноста од неговото потпишување, а тоа го стори и во новогодишното обраќање.
Но, мнозинството е решено Договорот и Законот за јазиците, кој исто така одби да го потпише, да бидат испратени во службен весник и без неговиот потпис. Тоа пред неколку дена го најави претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој смета дека, постапката за уставни измени ќе заврши до 15 јануари, а потоа ќе ги испрати законите во службен весник само со свој потпис.