Иванов не знаел, Мицкоски и Ахмети имале неодложни обврски за церемонијата на НАТО

Столчето на претседателот Иванов остана празно. Дали станува збор за лоша организација или пак ненавремено известување останува фактот дека судирот меѓу претседателот и премиерот продолжува.

Од Кабинетот на Иванов првично официјално соопштија дека тој воопшто не бил поканет но потоа информираа дека поканата пристигнала со задоцнување.

  • Откако заврши настанот ја добивме поканата за присуство на претседателот Иванов, соопштија од Кабинетот на Иванов.

Од Владата без коментар околу наводите на Кабинетот на претседателот но потенцираа дека тој бил уредно поканет заедно со сите претстваници на законодавната, судската и извршната власт и допломатските претставништва.

  • На денешната свечена церемонија беа поканети сите пратеници, дипломатскиот кор на земјите членки на НАТО, воените аташеа на земјите членки на НАТО, претставници на правосудството, претставници на верските заедници, членовите на Влада, поранешните претседатели на Владата и поранешниот претседател, одговорија од Влада.

Меѓу присутните не беше ни лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Од партијата соопштија дека и тој доцна ја примил поканата, вчера попладне, и немало додовлно време да ги одложи закажаните средби.

Образложението е донекаде чудно бидејќи како партнер во Владата, ДУИ секако ја имале информацијата за свечената церемонија пред да биде испратена поканата.

Столчињата за опозицијата останаа празни. Ниту претседателот н ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ниту пратениците не беа на платото пред Владата. Од партијата велат дека тој имал други неодложни обврски.

Поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан, поради верски празник и присутво на литургија не остуствуваше на настанот и испрати свој претставник за што навремено го известил и  протоколот.

Затоа пак во првите редови можеше да се видат поранешните премиери Љубчо Георгиевски, Хари Костов и Владо Бучковски, речеиси комплетниот кабинет на Владата и претседателите на судскиот совет и Врховниот суд, Зоран Караџовски и Јован Вангеловски.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ