
Иванов не прифаќа „ерга омнес“
Претседателот Иванов не прифаќа ерга омнес решение за прашањето за името. Овој став, велат од неговот кабинет, е принципиелен.
„Ставот на Претседателот е принципиелен и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели. Тој став е дека Претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омне“, соопштија од Кабинетот.
Средбата со министерот Никола Димитров ќе се одржи утре. Претпладнево министерот за надворешни работи, кој синоќа се врати од Брисел, побара да се сретне со претседателот Иванов за да го информира за текот на разговорите со неговиот грчки колега Коѕиас. И премиерот Заев најави дека веднаш по телефонскиот разговор со премиерот Ципрас, ќе ги сподели деталите со претседателот, со институциите и со лидерите на партиите. А вчера, кабинетот на Иванов соопшти дека тој е информиран селективно, дека не е запознат со договорената рамка за можно решение на разликата околу името, со средбите што се одржаа во Њујорк и во Брисел, со составот на правните тимови кои работат на текстот на билатералниот договор и дека не ги добил побараните документи.
И шефот на опозицијата се чувствува исклучен од процесот. Ги смета за шпекулации информациите дека, доколку се постигне договор, Заев и Ципрас ќе го потпишат во Преспа.
Последен пат Владата ги запозна државните и политичките лидери со текот на разговорите со Грција на лидерската средба пред десетина дена. По неа, Иванов изјави дека очекува пишана информација, а Мицкоски дека ставот на ВМРО ДПМНЕ е ист: Уставот не треба да се менува.
Соња Николовска