Иванов не го потпишува Законот за јазици

Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов нема да го потпише указот за стапување на сила на Законот за употреба на јазиците. Од кабинетот на Иванов за Телма велат дека тој останува на веќе изнесениот став за Законот за употреба на јазиците и  нема да стави потпис затоа што тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот. П

ретседателот на Парламентот Талат Џафери повторно го повика Иванов да се предомисли и да стави потпис затоа што според членот 75 од Уставот тој е должен тоа да го стори. Во спротивно може да се соочи со одговорност за злоупотреба на функцијата.

Но, неизвесно е каква ќе биде судбината на Законот и дали воопшто тој ќе може да се објави во Службен весник без потпис на Иванов. Познавачите на уставно-правната материја имаат различни мислења и толкувања за тоа како ќе се постапи во овој случај.

Професорот Светомир Шкариќ и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур Мирјана Лазарова Трајковска велат дека однесувањето на шефот на државата не може да се смета за уставно дозволено.

Универзитетскиот професор Темелко Ристовски очекува собранискиот спикер да стави двоен потпис на указот со образложение дека вољата на парламентарното мнозинство е посилна од вољата на претседателот на државата. Во тој случај законот ќе се објави во Службен весник и без потписот на Иванов, односно со двата потписа на Џафери.

Вакви случаи имало и во минатото, во 1998 година кога имало обид од тогашниот спикер Тито Петковски да стави потпис на указот наместо Киро Глигоров за законот за знамињата. Но, тој една година подоцна беше прогласен за неуставен од Уставниот суд со образоложение дека не е потпишан од Претседателот на државата. На ова укажува и ВМРО-ДПМНЕ, и бара од директорот на Службен весник да не се обиде да го објави законот зошто во спротивно ќе стори кривично дело „злоупотреба на службената положба“, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 5 години.

Но, правните празнини на Уставот дозволуваат и поинакви толкувања. Дека без указ нема закон , а само со еден потпис тој не може да се објави во Службен весник. За него не може да се произјасни ниту Уставниот суд. Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски вели дека во ваква ситуација потребно е да се донесе нов Закон за јазици бидејќи во моментов закон не постои.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ