Иванов не го потпишува Договорот со Грција

Најверојатно наредната недела Собранието повторно ќе го гласа Договорот за името. По одлуката на претседателот Иванов да не го става својот потпис на оваа спогодба, Владата уверува дека тоа нема да влијае врз нејзината имплементација.

Изутринава, Шефот на државата го извести Парламентот дека нема мандат да потпише указ за ваков закон. Во пет точки образложува дека тоа би било надвор од Уставот и од двете резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма е дека не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција“, вели претседателот.

Според Иванов, озаконувањето на оваа спогодба е основа за кривично дело што се казнува со затвор од најмалку пет години.

Владата не е изненадена од одлуката на Иванов. Потсетува дека одлуката што граѓаните ќе ја донесат на референдум ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти.

Владеачката СДСМ смета дека се работи за произволно читање на Договорот, за мешање во ингеренциите на Собранието и за партиска директива до Иванов, кој треба да претставува последна брана за интеграцијата во ЕУ и во НАТО, поради што треба да сноси последици.

За ДУИ, политиката на Иванов е инфантилна. Потсетуваат дека, по второто гласање во Собранието, тој ќе мора да потпише.

Ова е втор закон што Иванов одбива да го потпише. Законот за јазиците се уште не е влезен во сила бидејќи тој не го потпишува. Според Уставот, доколку мнозинството пратеници повторно донесе ист закон, претседателот е должен да го стави својот потпис.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ