
Иванов на инаугурацијата на турскиот колега Ердоган
Претседателот , Ѓорге Иванов, денеска престојува во работна посета на Анкара. Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Иванов во Анкара присуствува на свечената церемонија по повод инаугурацијата на Реџеп Таип Ердоган за Претседателот на Република Турција. Ердоган денеска првпат ќе положи заклетва како претседател во нов политички систем, каде ќе ја има целата извршна власт.
Ердоган беше реизбран на изборите на 24 јуни со повеќе од 52 проценити од гласовите и доби мандат да управува со земјата во следните пет години. Со тоа стапува во сила новиот политички систем во Турција. Според едни аналитичари тоа е „претседателско владин систем“ а според други „претседателски систем од турски тип“. Независно од тоа како се нарекува тој прилично ќе се разликува од досегашниот парламентарен систем. Ердоган ќе добие ингеренции какви што досега немал ниту еден турски лидер со исклучок на Мустафа Кемал Ататурк.
Ердоган во исто време ќе има три функции – претседател на Турција, шеф на Влада и лидер на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП). Бидејќи се укинува премиерската функција ингеренциите ги презема Ердоган, кој ќе има право да именува министри, да избира и именува судии и обвинители, а ќе раководи со одбраната и националната безбедност односно останува врховен командант на турската армија, како и со Дирекцијата за религиозни прашања.
Ердоган ќе може да владее преку декрети.