
Иванов ја отфрли одлуката на ДКСК како политичка, ГШ не сака да коментира
Одлуката на Анитокорупциска е политичка, обвини денеска претседателот Ѓорге Иванов, откако Комисијата му врачи две прекрошни пријави за указите од 25 февруари за унапредување по чин на началникот на Генераштабот, Васко Ѓурчиновски и поставување на тројца старешини на генералски места, бидејќи се направени откако биле распишани изборите и се незаконски.
„Кабинетот на претседателот најостро реагира за политичката одлука на ДКСК да поднесе прекршочни пријави против претседателот и целосно ги отфрла тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, шефот на државата постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата“, – се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.
Претседателката на Антикорупциска ги отфрли обвинувања дека одлуката е политичка и за Телма вели дека нивната одлука за указите е во делот на прекршување на Изборниот законик.
„Тука се работи за прекршочни пријави бидејќи претседателот ги направил овие укази во време на изборен период. Прашањето е зошто направил укази што значат зголемување на плата на соодветните лица во изборниот период. Тоа на некој начин е влијание на гласачкото тело. Ние од тој аспект го третираме претседателот“, изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.
Во реакцијата од кабинетот се обвинува дека доказите кои тие ги приложиле до Антикорупциска не биле земени предвид и оти Комисијата во одлуката се повикала на член од Законот за служба во Армијата за консултации со Министерството за одбрана при поставувања, што не ги опфаќа генералските позиции, како и тоа дека Иванов постапувал по Законот за одбрана.
На ова Ивановска вели дека Иванов требал да го консултира Законот пред да ги донесе указите.
„Значи тоа им е постапката која им е пропишана во нивните закони. И да не се консултирал со министерството за одбрана, требало да си го исконсултира Изборниот закон“, вели Ивановска.
Аниткорупциска го оспори унапредувањето на Ѓурчиновски и поставувањето на бригадниот генерал Орце Јордев, полковник Драган Ковачки и полковник Бесник Емини на генералски места, што на сите четворица им донесе покачување на платите, спротивно на Изборниот законик и Законот за спречување корупција.
Иванов за платите топката ја префрли на министерката за одбрана, посочувајќи ја како надлежно лице за платите во Армијата.
Од Генералштабот за тоа дали ќе ја почитува одлуката на Антикорупциска и дали унапредувањетоа и поставувањата ќе се поништат и средствата од покачените плати ќе бидат вратени во буџетот, за Телма одговорија дека нема надлежност да дава ставови и коментари за поведување на прекршочна постапка за донесените Укази.
Од министерството за одбрана на прашањата на Телма, како ќе псотапи за расчистување на последиците од незаконските укази и дали ќе се бара враќање на средствата исплатени по основ на унапредувањето на началникот и новите позиции на тројцата старешени, одговорија дека очекуваат претседателот на државата во рок од 60 дена да постапи согласно Законот за спречување на корупција и да ја извести Антикорупциска за преземените мерки по нејзината одлука.
„Уште еднаш потенцираме дека Министерството за одбрана не прекршува закони и истото го очекува од институциите со кои соработува. Посочуваме дека ќе продолжиме да го почитуваме законот и додека трае разрешницата на ова прашање, и истото го очекуваме и од другите институции“, се наведува во псимениот одговор од Министерството за одбрана за Телма.
Указите на Иванов беа спорни и по тоа што беа објавени во службен весник под старото уставно име на државата. Од Владата тогаш најавија дека ја анализираат грешката на Службен Весник. Од таму денеска за Телма информираат дека се утврдени околностите под кои се случила објавата на спорните укази и укажано е дека тоа не може да се повтори.
Тамара Грнчароска