
Иванов „избркан“ од Борисов и Захариева
Со преполовена агенда за посета на Бугарија, македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Софија се соочи и со новинарски прашања, кои дома ги избегнува. По средбата со бугарскиот домаќин Румен Радев беше прашан зошто со својот став за договорот за името меѓу Заев и Ципрас ризикува нова криза и во Македонија и во регионот. Иванов по ова прашање објасни и детали за кратката двеминутна средба со Заев и министерот Димитров вчера, но рече дека тој не се смета за одговорен за нешто што ќе произлезе од договорот.
Домаќинот Радев пак му порача дека треба да поработи на политички дијалог во Македонија за да нема ескалација по договорот кој според бугарскиот претседател ги забрзува евро-интеграциите на државата.
Прес конференцијата на Иванов заврши со тешко прашање за него, но почна уште полошо, со известување од бугарскиот премиер Бојко Борисов кој ја откажа средбата со македонскиот претседател, првично и поради неговата првична ароганција од вчера.
„Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашиот сосед. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Македонија. Бугарската Влада не гледа причина да биде искористена за внатрешно-политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа да не се доведува во прашање“. Стои во соопштението на МНР на Бугарија.
Иванов тврдеше дека е изненаден, а критики за откажувањето Борисов, доби и од бугарскиот шеф на државата, социјалистот Радев.
Иванов рече дека мора да се направи договор кој е взаемно прифатлив, а не договор кој е ултиматум за Македонија. Тука го повика и Брисел на помош.
Претседателот Радев пак го поздрави договорот како можност на интеграциски напредок на Македонија, но побара при преговорите со ЕУ, за Македонија да се воведе 35-то поглавје преку кое ќе се инсистира на спроведување на билатералните договори кои Скопје ги има со Софија и со Атина.
Миомир Серафиновиќ