
Иванов и Заев се согласиле само дека НБМ не смее да остане без гувернер
За конкретна личност не се договориле, но се согласиле дека не е добро Народна банка да остане без гувернер и дека тој треба да се избере во законскиот рок. Состаноците на кои ќе се бара решение продолжуваат и натаму, се до 20 мај кога истекува мандатот на Димитар Богов. Премиерот Зоран Заев по денешната средба со претседателот Иванов вели дека не е добро за имиџот на државата НБМ да остане без кормилар, иако постои решение преку советот на централната банка, бидејќи една од најдобрите работи во изминативе години била макроекономската стабилност. За Богов рече дека сериозно го почитува, но парламентарното мнозинство имало многу забелешки за неговата работа. Богов, вели, долги години и служел на земјава, 7 како гувернер и 4 како вицегувернер, и тој се надева дека овој капацитет и во иднина ќе се искористи.
Шефот на државата, Иванов, пак, и по денешната втора средба која се одржала на барање на премиерот Заев, не отстапува, и натаму стои на ставот дека Богов треба уште седум години да стои на кормилото на НБМ. Од неговиот кабинет соопштија дека денеска на премиерот повторно му биле кажани аргументите зошто Богов најодговорно би ја извршувал оваа значајна функција.
Вицепремиерот Анѓушев, пак, е оптимист дека до 20 мај ќе се изнајде решение. Смета дека поединечни предлози нема да вродат со плод, а изборот за гувернер треба да биде пример за кохабитација.
„Сигурен сум дека не треба да се прават избрзани чекори од ниедна страна и таквите работи треба да се разрешат со конструктивен дијалог и да се изнајде стручна и квалитетна личност, такви има во Македонија. Не сакам да кажам за ниеден од предлозите дека е лош или добар“, вели вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Министерот за финансии, Тевдовски, пак, смета дека е клучна независноста на монетарната политика.
„Мислам дека е клучно фискалната и монетарната политика да бидат независни, и јас строго го почитувам тоа, а ќе го почитувам и во иднина, и заради тоа, тоа е прашање пред се на Собранието и на парламентарното мнозинство“, вели Тевдовски.
Владејачката парламентарна група официјално ќе се изјаснува во среда, но веќе не тајна дека тие нема да му дадат поддршка на Богов. Од ДУИ, пак, не го менуваат ставот дека Фатмир Бесими треба да седне на гувернерското столче.
Нина Нинеска-Фиданоска