
Иванов го праќа генералот Ѓоргоски во НАТО, претседателски медали за храброст за 4-ца војници на АРМ кои помогнаа кај Ласкарци
Во Службениот весник се објавени одлуките на Претседателот Иванов, кој назначил двајца офицери на позиции во НАТО и во Република Франција.
Со указ, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски е поставен за воен претставник на Републка Македонија при НАТО во Брисел. Ѓоргоски е актуелен командант на Првата механизирана пешадиска бригада во ЗОК, претходно беше и аѓутант на Врховниот командант, а ја извршуваше и функцијата портпарол на ГШ на АРМ.
Во Франција за одбранбено аташе Иванов го назначил полковникот Марио Јуришиќ.
Нов повисок чин од претседателот добива актуелниот началник на ГШ на АРМ, Васко Ѓурчиновски кој отсега е унапреден во чин генерал-потполковник.
Претседателот Иванов со медали за храброст ги награди 4-цата војници на АРМ за искличителната храброст при пружањето помош на настраданите во сообраќајната несреќа кај Ласкарци. Медал ќе добијат Омер Емини, Сељадин Саљихи, Семир Фета и Бујамин Реџепи.
Во своите укази, Иванов унапредува или поставува уште неколку офицери и генерали. Иако НАТО веќе е известено за промената на името, Иванов се потпишува како претседател на Република Македонија и ги праќа офицерите во странство како претставници на РМ. Неговите укази се објавени во Службениот весник на Северна Македонија број 46 од 26-ти февруари.
Миомир Серафиновиќ