Иванов ги информирал и Заев и Мицкоски пред да го предложи Богов

И премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на лични средби со претседателот Ѓорѓе Иванов биле информирани за неговите намери да го предложи сегашниот гувернер Димитар Богов за уште еден мандат, и никој немал ништо против, тврдат од Кабинетот на шефот на државата.

„По извршените консултации, Претседателот Иванов оствари средба со премиерот Заев на 26 март оваа година, на која македонскиот претседател го запозна премиерот за исходот од консултативните средби и дека Димитар Богов ќе биде предложен за нов мандат од страна на македонскиот претседател“, велат од кабинетот на Иванов.

По ова, шефот на државата се сретнал со Богов, кој дал согласност за негова повторна кандидатура. Сегашниот гувернер потоа на заедничка маса и со Заев, на која го известил за оваа согласност, но премиерот овој состанок не го спомена пред медиумите.

Шефот на државата информира дека имал средби и со други потенцијални кандидати за гувернерското место, меѓу кои и со Фатмир Бесими. Иванов не открива кои се тие личности, но нагласува дека на средбите не била посочена ни една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ни за НБМ. Па дури и преовладувал ставот дека Богов е најдобро решение.

Иванов уште на 27 април го доставил предлогот до Собранието. Но, доколку за него не гласаат 61 пратеник, гувернер не може да се избере. Владејачката ДУИ веќе се изјасни дека за нив најдобро решение е Фатмир Бесими, советник на премиерот. Пратеничката група на СДСМ се уште се консултира.

„Консултациите се во тек, очекуваме за ова прашање во наредниот период координаторот на пратеничката група на СДСМ да реферира пред новинарите и јавноста и согласно тоа понатаму да продолжи попстапката за избор на гувернер“, вели Китев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Тунтев, пак, за Телма вели дека очекува, преку интеркоалициска дебата да се соочат сите аргументи, по што е убеден дека пратениците ќе донесат исправна одлука. Но, неговиот личен став не е на страната на Богов.

„Не би сакал да го искажувам моето лично мислење предвреме, без претходна дебата во нашата пратеничка група, но сметам дека има многу аргументи поради кои Богов не треба да ја добие довербата и поддршката од пратениците за уште еден мандат. Впрочем, во изминатите неколку години СДСМ во повеќе наврати ги промовираше тие аргументи во јавноста и одлучно реагираше против погрешните и штетните политики на поранешната власт, кои беа поддржувани или спроведувани од гувернерот“, вели Тунтев.

Неофицијално, најголемата владејачка партија е блиску до одлука да не се гласа за Богов и да му се даде поддршка на Бесими, но согласно законот за НБМ, предлогот за гувернер е на претседателот. Затоа се размислувало за неколку опции, или законот да се измени во насока да се дозволи можноста да има вршител на должноста гувернер, што сега не е возможно, или, според размислувањата на ДУИ, гувернер да може да предлагаат и други институции, а не само претседателот на државата.

Богов, пак, чии мандат истекува за околу две недели, вчера предупреди дека е опасно Народна банка да остане без гувернер, и дека тоа може да ја загрози стабилноста на домашната економија.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ