
Итна координација на здравствените власти по новите 12 случаи корона вирус во Тетово
Бројот на заразени со Ковид 19 расте. Според официјалните податоци на Министерството за здравство во изминатите 24 часа од вкупно 36 новозаболени во земјава, 12 се од Тетово, а 6 од Велес, градови кои во овој период имаат нови кластери.
Новите бројки беа причина за итна координација на здравствените власти во Тетово, кои информираа за уште 4 лица кај кои и вториот тест им е позитивен.
Добар податок е што Тетово се уште не е со висока инциденца, рече заменик министерот за здравство Арменд Арслани.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој е главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа, истакна дека најлошото не е поминато во однос на пандемијата и во овој регион.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1622, бројката на оздравени пациенти е 1112, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 419.
Данијела Билбилоска