
Итен колегиум на апелациониот суд по вчерашните критики од Рускоска за куќниот притвор за Јанева
Судиите од апелациониот суд во моментов одржуваат итен колегиум, по вчерашната изјава на обвинителката Вилма Рускоска, во која жестоко ја критикуваше одлуката на апелациониот суд за куќен притвор за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Пред почетокот на колегиумот, пристигнаа и тројца членови на судскиот совет кои ќе присуствуваат на колегиумот.
Претседателот на судскиот совет, Киро Здравев, за Телма изјави дека судиите сакаат изворно да се информираат за тоа што се случувало и ако треба соодветно да реагираат.
Обвинителката Рускоска во вчерашната изјава за Телма, одлуката на апелациониот суд ја опиша како срам за судството во државата, потсетувајќи дека Катица Јанева понуди претходно и гаранција за пуштање во куќен притвор, која судот тогаш не ја прифати а овој пат одлуката е поинаква без никаква гаранција да биде дадена.
Рускоска подвлече дека на обвинителството му се врзани рацете сега за понатамошното постапување по оваа одлука, но укажа и дека тие располаат со други механизми, како што е водењето финансиска истрага за советот за апелација и други мерки.
“Многу е симптоматично кога не се прифати гаранцијата која ја нудеше а сега се прифаќа куќниот привор и тоа ни дава за право да се посомневаме во одлуките на судот”.