Италија повторно со најмногу жртви од корона вирусот, Меркел во карантин

Бројката на луѓе инфицирани од новиот корона вирус се зголеми на повеќе од 340 000 луѓе,  додека животот го загубија повеќе од 14 000 луѓе во целиот свет.

Иако вирусот првично избувна во кинеската провинција Хубеи во декември минатата година, набргу се прошири низ целиот свет а епицентарот на епидемијата во Европа сега е во Италија.

Властите во Рим потврдија дека во последните 24 часа починале 651 лице, помалку од претходниот ден кога животот го загубија 793 лица. Бројот на потврдени нови случаи корона вирус се зголемил за 10 % , што претставува најнизок процентуален пораст по избувнувањето на епидемијата на 21-ви Февруари.

Во Ломбардија, властите денеска ги заострија мерките на карантин. Забранети се сите спортски и физички активности на отворено, иако вистинското прашање веројатно е зошто и досега тоа не беше направено, земајќи го предвид страотниот смртоносен биланс во оваа италијанска провинција.

Но ситуацијата со корона вирусот е се потешка и во Шпанија. 375 починати во последните 24 часа, со што оваа држава е веднаш зад Италија и Кина по бројот на смртоносниот биланс во државата се зголеми на 1756, трет по Италија и Кина.

Загрижувачки висок е и процентот на здравствените работници кои се инфицирале од корона вирусот во Шпанија, околу 10% од сите случаи.

Шпанскиот премиер, Педро Санчез, најави дека вонредната состојба во државата ќе биде продолжена уште најмалку 15 дена.

Многу тежок бран ни доаѓа, следуваат тешки денови кои ќе ги тестираат до лимитот нашите способности, ресурси и морална сила. Без сомнение, нашата рамнотежа како општество, изјави Санчез.

Меѓу заразените со корона вирусот во Шпанија е и славниот оперски пејач, Пласидо Домингот. 79 годишниот тенор на својата фејсбук страна потврди дека се изолирал со своето семејство, откако резултатот од тестот кој го направил затоа што имал висока температура и кашлица бил позитивен

Германската канцеларка, Ангела Меркел од вечерва е во карантин откако, по прес конференцијата која ја одржа за најновите мерки на нејзиниот кабинет во борбата против Ковид 19, била информирана дека докторот кој во петокот и дал вакцина имал позитивен тест за корона вирус.

65 годишната Меркел информацијата ја добила набргу по крајот на прес конференцијата, соопшти нејзиниот порпарол, додавајќи дека таа добила вакцина против пневмококална инфекција како мерка на претпазливост.

Меркел вечерва објави и повеќе нови мерки за успорување на епидемијата корона вирус.

Бараме од граѓаните да ги намалат контактите со луѓето надвор од нивниот дом на апсолутно неопходниот минимум. Второ, во јавност, луѓето треба да одржуваат растојание меѓу себе од минимум 1,5 метри, по можност 2 метри, порача Меркел.

Во Албанија, каде има 76 инфицирани луѓе и едно починато лице, исто така се воведени остри мерки за карантин и полициски час. Поостри мерки на карантин од 6 часот наутро во понеделник, ќе воведи и Грција.

Ситуацијата е се потешка и во Соединетите американски држави. САД се сега трета земја во светот по бројот на потврдени инфекции, над 29 илјади.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ