Италија го враќа датумот за преговори со Македонија на агендата на ЕУ

Италија од идниот месец ќе го враќа на маса прашањето за старт на преговори на ЕУ со Македонија и со Албанија преку својот амбасадор во ЕУ и министерот за надворешни работи, дознава Телма од дипломатски извори. Потврда за ова денеска стигна и лично од италијанскиот премиер Џузепе Конти, кој рече дека Италија ќе предложи рестартирање на разговорите за проширување на ЕУ со Македонија и со Албанија во ноември. Прашањето за старт на преговорите со Македонија и Албанија, како што дознава Телма, би се нашло пред министрите, на Советот за општи работи на ЕУ, закажан за 19 ноември.

За таа цел, како што дознаваме, премиерот Заев добил покана од италијанскиот колега многу наскоро да го посети Рим. Од Владата за Телма потврдија дека има покана до Заев за посета на Италија, но засега без детали дали и кога таа би се реализирала.

Ставот на Италија, како што наведуваат дипломатските извори за Телма, е дека е точно оти ЕУ во моментов се соочува со важни критични прашања, но дека и отворањето на преговорите со двете земји е важно прашање кое не може да биде тргнато на страна. 

Дипломатски извори од ЕУ пак се на став дека министерите и да го отворат прашањето за преговорите со двете земји, тоа нема ништо да смени. Според  нив тоа нема да го премисли Макрон, со оглед на неговото противење на проширувањето и ставот дека на земјите Западниот Балкан наместо тоа треба да им се понуди форма на привилегирано пратнерство. Дополнително и барањето на Макрон за промена на методологијата преговорање на ЕУ, што допрва треба да се прави, е елемент плус кој не влева оптимизам дека засега нешто околу преговорите може да се смени.

Информацијата дека францускиот претседател, Макрон, ќе ги посети Скопје и Тирана, за Телма ја потврдија дипломатски извори. Според нив се уште не е утврден точен датум за посетата, но од она што се дознава, посетата би се реализирала во наредните месеци, но не пред декември. Макрон откако не им дозволи на Македонија и на Албанија да ги почнат преговорите за членсво со ЕУ, се најде на силна критика на своите колеги во Унијата за блокирањето на двете земји, па на посета на Скопје и на Тирана се гледа како на обид  да ја потврди нивната европската перспектива и поддршката која тие за тоа ја имаат од Франција.

Во меѓувреме не во Скоје, туку во Софија за попладнево се најавени мирни протести пред француската абасада поради блокирањето на преговорите со Македонија. Еден од организаторите, уметникот, Андреј Врабчев, за Бугарското национално радио изјави дека протестите не се насочени против Франција, туку за поддршка за Македонија. 

Европската иднина на Македонија е единствениот начин за стабилизирање на Балканот. Да се ​​заобиколи во иднина пенетрацијата на непријателските сили кон ЕУ и дестабилизација на цели региони и Европа,

изјави Андреј Врабчев, бугарски скулптор и општественик.

Врабчев кој протестите ги организира преку „фејсбук“ најави дека преку амбасадата ќе достават писмо до францускиот претседател со барање да ја преиспита позиција околу преговорите на ЕУ со Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ