
Истрагата брои колку пари зеле од донациите а осомничените измамници ги бришат страните и ги покриваат трагите
Двете интернет страни преку кои двоецот Шулевски ги праќале апелите до хуманите граѓани и организации за донации за лекувања на болни дечиња од денеска веќе не постојат, додека на социјалната мрежа „Фејсбук“ сеуште постои официјалната страна на фондацијата „Допир“. Двајцата осомничени и понатаму без коментар околу пријавата на МВР а на телефонскиот број на фондацијата никој не одговара.
Според податоците од централниот регистар Миле Шулевски се јавува и како еден од сопствениците во организацијата „Филантроп медика“, но повеќе информации за оваа организација нема бидејќи немаат свој сајт или официјална страна на социјалните мрежи.
Во Законот за донации и спонзорства прецизно стои дека сите правни и физички субјекти се должни, во рок од еден месец по донирањето, да достават извештај до УЈП во кој е детално наведено за која сума станува збор, за што се користи и кој е крајниот користинк на средствата а договорот за донацијата мора да се чува најмалку пет години.
Од УЈП велат што и како се случувало со жиро сметката на фондацијата допир е даночна тајна исто како и податокот дали тие биле контролирани или не, и додаваат дека инфомациите доколку бидат побарани ќе бидат доставени до обвинителството или полицијата.
Министерството за здравство минатата година вршело проверка на дел од објавените донации за лекување за да се утврди автентичноста на повикот.
Начинот на кој оперирале е уникатен а со цел потешко да им се влезе во трага и да се открие измамата. На страницата на фондацијата нема телефонски број за донации а уплатите се вршат единствено на жиро сметка на фондацијата отворена во една домашна една банка. Тоа се должи и на фактот што за да се добиле телефонски број за донации потребно е да се достави историјат на болеста за лицето за кое се донира. Нагласено е дека средствата собрани од донациите се плаќаат директно на болницата или здравствената установа и не се даваат на семејството на пациентот, со што се минимизира ризикот да бидат откриени.
Од МВР соопштија дека дел од поставените барања за донации биле со измислени идентитети и дека тие наводно болчни дечиња воопшто не постоеле. Во досегашната истрага е утврдено дека преку донации на сметката на фондацијата „Допир“, која на барање на Обвинителствбото сега е замрзната, биле уплатени над 3,5 милиони денари а двајцата осомничени подигале од нив и ги трошеле за лични потреби.
Огнен Чанчаревиќ