
Истрага за фирмата на Нефи Усеини?
Во текот на денот полицијата врши проверка во фирма сопственост на охридскиот советник Нефи Усеини, дознава Телма.
Од полицијата и од МВР не даваат детали ниту официјални информации.
Според сознанијата на Телма, се вршат проверки во базата за бетон, која е сопственост на Усеини, а се наоѓа во близина на болницата Свети Еразмо. Овие проверки биле дел од претходно отворена постапка за фирмата. Акцијата ја воделе инспектори за економски криминал од СВР Охрид.
Инаку Нефи Усеини е советник во општина Охрид кој стана познат откако изгради тераса пред локал во заштитеното подрачје на Охрид. Терасата беше прогласена за дивоградба и беше наложено уривање, но таа одлука на локалните власти не беше реализирана.
Усеини како советник и градежен бизнисмен учествувал и добивал тендери во општината, но по укажување на антикорупциската комисија тие договори беа прекинати.
Усеини пак се жалеше на селективност кон неговата тераса и бараше да се урнат сите дивоизградени објекти во Охрид, а не да се зборува само за неговата тераса.