
Истекува рокот за преговорите, премиерот молчи
Денеска истекува рокот, 9-ти јуни, за кој во медиумите со денови се шпекулира дека САД и го дале на владата, до кога треба да дадат согласност за текстот на договорот за името. Но, премиерот, кој беше домаќин на наградените ученици за иновации, за првпат не застана да даде каква било изјава пред новинарите.
На излегување од настанот, обезбедувањето не им дозволи на новинарите ниту да се приближат до премиерот, па пропадна и втората шанса да добиеме информација од него за тоа, што точно се случува со преговорите и дали се точни шпекулациите на медиумите од соседството дека тие пропаѓаат. Од владата претпладнево го демантираа ова, велејќи дека, шпекулациите во овие сензитивни моменти не можат да придонесат кон оваа стратешка цел од национален интерес, како и дека, остануваат посветени на изнаоѓање решение кое го штити и зајакнува достоинството и идентитетот на македонските граѓани.
Српски „Курир“ објави дека, грчката страна барала „премногу“, односно од името целосно да се исфрли „Македонија“ и од долгонајавуваниот компромис засега нема ништо и покрај добрата волја. Денеска, пак, грчката министерка Олга Геровасили, изјави дека се зрели условите за конечен договор.Во порака до нивната опозиција дека треба да се избега од фобиите и духовите од минатото, призна дека со договорот всушност ќе се запре признавањето на Македонија под уставното име од повеќе земји.
Во меѓувреме реагираше и владиката Пимен, на изјавата на костурскиот митрополит Серафим, кој на протестите во Грција кажа дека ако е потребно „и камења ќе јаде за Македонија“. На фејсбук му порача дека можеби камењата може да се изедат, но срамот не се јаде.
Далиборка Демјанска