Иста цена на струјата и во следната година

Ниту поскапува, ниту поевтинува. Цената на струјата останува иста како и досега се до средината на идната година, граѓаните да бидат спокојни, порача Регулаторна.

Единствена промена во наредните сметки што ќе ги добијат ќе биде името на компанијата што ќе ги снабдува, ЕВН Хоум, која е универзален снабдувач, но тоа за нив не значи ништо, бидејќи таа е на ЕВН, од која и досега ја добиваа струјата.

Првиот човек на РКЕ, Бислимовски, вели дека и покрај поскапувањто на струјата на регионалниот пазар, поради домаќинското работење на државните електрани, скок на цената нема да има.

ЕЛЕМ на аукцијата во средата понудила целосно да ги задоволи потребите на домаќинствата, по цена 34,5 евра за мегават час, која е за 15 отсто пониска од ланската.

„Во услови кога пазарот на електрична енергија од 1 јануари целосно се либерализираше и кога се зборуваше дека таа либерализација ќе значи енормно зголемување на цената, поради што се бараше и одложување во 2015 и беа поведени неколку постапки за нашата држава во рамки на Енергетската заедница, цената за домаќинствата останува непроменета. Оваа цена не се задржува на вештачки начин, бидејќи ЕЛЕМ лани оствари добивка од 29 милиони евра, се отвора поголем простор и за продажба на вишоците на електрична енергија, и во 2019 ЕЛЕМ ќе ја задржи својата финансиска стабилност“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулатрорна комисија за енергетика.

Откако пред околу две години се воведе евтината тарифа преку ден од 14 до 16 часот, граѓаните навалиле да ја користат, потрошувачката во тој период е зголемена за 8 отсто.

„Откако се воведе евтината тарифа домаќинствата тие ја примија таа порака и има зголемување на потрошувачката, тоа чини околу 11 милиони евра годишно. Во 2019 во споредба со 2017 кога е воведена евтината тарифа, цената за домаќинствата е намалена за 5 отсто“, вели Бислимовски.

Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум има обврска од први јули да обезбеди електрична енергија за сите домаќинства, бидејќи тие, по либерализацијата, сепак решија да не излезат на слободниот пазар.

Засега корист од неа имаат малите компании, чија струја веќе поевтини од 20 до 30 отсто.

Регулаторите уверуваат дека нема потреба од увоз на струја во земјава. Велат, РЕК Битола функционира добро, и од таму се обезбедуваат најголемите количини.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ