
Искуството од досегашните неуспеси – адут на Македонија во преговорите за името
Македонската страна го користи искуството од досегашните неуспеси во преговорите за името и се надева на успешно завршување на процесот, изјави министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска. Коментирајќи ја изјавата на американскиот аналитичар, Даниел Сервер, дека доколку преговорите не успеат, Македонија треба да влезе во НАТО под референцата ФИРОМ, рече дека владата инвестира во добри односи со сите соседи, вклучително и со Грција и ќе направат се да бидат конструктивни.
Во врска со изјавата на рускиот амбасадор, дека Македонија не треба да влезе во НАТО, затоа што ќе биде легитимна цел за Русија, ако НАТО изврши агресија врз нив, Шеќеринска рече дека никој не треба да се меша во нашите стратешки одлуки.
По посетата на воено-медицинскиот центар во Скопје, таа најави дека утре ќе биде објавен конкурс за прием на нови 125 професионални војници во АРМ, со кои ќе се зајакне армискиот состав. Ги повика сите млади луѓе на возраст до 25 години со завршено средно образование, а кои веќе доброволно го отслужиле воениот рок, да се пријават на огласот и да влијаат на зголемување на стабилноста и безбедноста на земјата.
Следните десет дена, како што најави, и официјално ќе почне процесот на набавка на униформи и чизми кои долги години беа проблем за сите припадници на Армијата.
Далиборка Дамјанска Цветановска