
Исклучените од парно пак незадоволни, бараат од Регулаторна да и ја одземе лиценцата на БЕГ
Исклучените од парно повторно незадоволни и револтирани, денеска на нов протест на стандардната локација, Триумфалната порта.
Од Регулаторната комисија за енергетика бараат да му ја одземе лиценцата на БЕГ, бидејќи, велат, компанијата досега седум години незаконски им наплаќала паушал, од што од 20 илјади семејства се обрани 20 милиони евра, без судските трошоци.
За ова тие подготвуваат и кривична пријава. Ставовите со регулаторите ќе ги пеглаат во вторник, за кога е закажана средба, на која се надеваат дека ќе се најде решение за проблемите.
„Заради сите пропусти и незаконско работење бараме да се одземе лиценцата на Балкан енерџи снабдување и се надеваме дека во вторник РКЕ ќе ја одземе лиценцата и со тоа ќе стави крај на овој лоповлук од приватна компанија“, вели Марјан Ненов, Но пасаран.
Регулаторна неодамна донесе нови Правила за снабдување, со кои предвиде дека исклучените веќе од април нема да добиваат сметки за парно, освен оние чии станови се празни и не живеат во нив, бидејќи тоа влијаело на трошоците на другите станари.
Тие не сакаат да и докажуваат на БЕГ со лична карта и имотен лист дека живеат во становите чии сопственици се, како што деновиве таа побара од нив, за да престане да им ги праќа сметките. Велат, таа за нас ги има сите податоци, ги презела незаконски уште во 2013 година, прашувјќи ја како досега без проблем можела да ги најде за да ги тужи.
„Продолжуваме да се собираме, за нас и натаму не претсануваат судските процеси, продолжуваат во судските лавиринти, имаме сознанија за изиграни луже и за судии кои не ги ни прифаќаат новите правила. Иако сметаме дека РКЕ донесе поповолни правила за нас, сепак нио остави обврска за да докажуваме дека живееме таму, зошто тоа да и го докажуваме на БЕГ, со неа немаме никаков договор“, вели Марјан Ненов, Но Пасаран.
На БЕГ и порачуваат ако сака против нив да поведе нови судски постапки, а туе на суд ќе ги донесат потребните документи, или евентуално пред РКЕ. За априлските сметки е рано да стигнат, но исклучените стравуваат дека БЕГ бара начини како да ги изигра новите правила продолжи од нив да го наплатува паушалот, имаат записник дека веќе два пати посетиле граѓанин во работно време и констатирале дека тој не живее таму, па тој мора да плаќа сметки. Исклучените велат дека одлуката да плаќаат оние што не живеат во становите е проблематична од правен аспект, бидејќи се коси со одлуката на Уставен суд од 2009 година.
Од БЕГ, пак, за Телма, велат дека сите нивни активности се одвиваат согласно важечките законски и подзаконски акти. Се повикуваат на новите Правила, каде велат, е децидно наведено дека „сопственикот каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, кој живее или го користи објектот и е исклучен од системот, е обврзан тоа да го докаже со приложување на валиден документ, после што нема обврска да го плаќа надоместокот.
Првиот човек на РКЕ Бислимовски, вели дека останува на ставот дека од април веќе никој нема да добива сметки, освен оние чии станови се празни.
Нина Нинеска-Фиданоска