Исклучените од парно кои не живеат во становите и натаму ќе плаќаат паушал

Исклучените граѓани од парно што не живеат во своите станови и натаму ќе го плаќаат паушалот како претходно. Балкан Енерџи Груп преку својата веб страница ги извести корисниците дека сите чии станови се празни или пак не ги користат деловните објекти, ќе имаат обврска да го подмируваат надоместокот за ангажирана топлинска моќност. Првиот човек на Регулаторна, Бислимовски, објаснува дека ова е предвидено со новите Правила за снабдување кои важат од стартот на месецов, откако и анализите на МАНУ покажале дека токму тие потрошувачи создавале најголеми проблеми, и за оние што се приклучени на парно, но и за тие што се греат на струја.

„Констатиравме дека овие групи на потрошувачи предизвикуваат проблеми кај сите останати потрошувачи. Тоа го покажаа и анализите на МАНУ, а и нашите анализи, а и лично сметам дека ако некој има стан кој седи празен, треба да го плаќа паушалот, тоа е и од енергетски, но и од правичен аспект“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Во моментов нема сознанија колку вакви потрошувачи има во земјава. Паушал ќе плаќаат и инвеститорите чии нови згради се приклучени на системот, но се уште имаат празни станови.

БЕГ ги повика сите корисници кои живеаст воп своите станови или куќи а се исклучени од парно, тоа да го докажат со лична карта и имотен лист не постар од 30 дена, кои до крајот на мај треба да се достават до наплатните центри. Регулаторите тврдат дека ова се бара само за да се забрза процедурата, но и да се види точно колку од исклучените живеат навистина во своите домови. Тие, почнувајќи од април, дефинитивно нема да го плаќаат паушалот, тврди Бислимовси.

Сето ова, тврдат од РКЕ, се прави и со цел во никој случај да не бидат оштетени корисниците кои останаа приклучени на системот, за кои се најавуваат и поедноставни сметки.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ