Иселувањето, сивата економија, лошиот третман и непотизмот ги тера младите да не бараат работа

Иселувањето и работењето во зоната на сивата економија се главните причини што дури половина од работоспособното население во земјава воопшто не се ни труди да најде работа во земјава. Вака стопанствениците гледаат на податокот за кој со години наназад алармира Светска банка. Младите, преку социјалните мрежи, но и преку контакти со пријатели кои веќе работат надвор, лесно дознаваат дека за исто работно место во странство, ќе добијат многу повисока заработувачка, па и тие решаваат да заминат, а државата нема точни податоци колку од луѓето се иселиле. Бизнис заедницата признава дека и таа на некој начин е соучесник – работниците не го добиваат заслужениот третман и вреднување на нивниот труд.

  • Покрај платите, луѓето треба да бидат и мотивирани. Ние не создадовме култура на почитување на човековите и работничките права во рамки на работниот однос, и тоа се случува низ генерации. Граѓаните знаат да проценат кој е задоволен работник кај добар работодавач и кој е незадоволен кај лош работодавач. Многиу малку се посветува и внимание на вработените, на нивна обука, дообука, квалификација и преквалификација, како и на нивна мотивација и уважување“, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Светска банка и годинава предупреди дека овој проблем во земјава е поизразен во однос на соседите.

  • Од вкупно 100 луѓе кои живеат во земјава, само 26 се вработени, а од овие 26, осум работат во приватниот сектор, а 18 во јавниот сектор. Има многу млади луѓе кои денгубат, и не се ниту на обука, ниту во образование, ниту на пазарот на труд“, вели Сања Маџаревиќ-Шустер, Светска банка.

Многу од граѓаните вели Бошков, иако се водат како неактивни, всушност работат во нерегистрирани дејности или во цели фабрики кои се надвор од легалниот систем, доказ се бројките дека сивата економија зафаќа од 20 до 30 отсто. Тоа е обид да се избегнат обврските, овој ментален склоп уште не може да се искорени. Една од причините што младите не бараат работа е што ја изгубиле довербата дека без партиски или други врски можат да се вработат во јавниот сектор.

  • И самите знаат дека не можат сите да ги имаат предзнаците на роднинство, политичка припадност, блискост, да не кажам непотизам, не можат сите да бидат роднини и политички определени, и самите знаат дека ја губат битката за вработување, бидејќи можеби квалитетот и образованието се последната карика во селектирање на кандидатите“, вели Бошков.

За жените повеќе да се вклучат на пазарот на трудот, треба да се надминат застарените размислувања, но и да се обезбеди поголема достапност на градинките за чување на децата.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ